Во Брисел се одржува вонреден состанок поради мигрантската криза

85

Хрватска е подготвена да испрати уште еден полициски брод со осум членови на екипажот, покрај првиот кој веќе патролира во Егејското Море, како и граничари на грчката граница, рече хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ денеска во Брисел.

Таму се одржува итен состанок на министрите за внатрешни работи свикан поради кризата на грчко-турската граница, предизвикана од одлуката на Анкара за отворање на границите за мигрантите на турско тло.

Европската комисија пред почетокот на министерскиот состанок претстави акциски план што Унијата и нејзините земји членки треба заеднички да го преземат за да ѝ помогнат на Грција.

Во акцискиот план Комисијата ги повикува земјите членки да ги обезбедат потребните ресурси за започнување на операции за брза гранична интервенција на Европската гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), на копнената и морската граница меѓу Турција и Грција.

Министерот Божиновиќ рече дека на средбата ќе се разговара и за соработката со земјите од Западен Балкан.

– Ова се земји кои можат да бидат погодени доколку кризата ескалира. Не смееме да ги заборавиме, тие се на тој пат и секоја помош за нив е всушност помош за нас – рече Божиновиќ.