Фортифај рајтс: Војската на Мјанмар систематски ги подготвувала нападите врз Рохинџите

155

Армијата на Мјанмар систематски се подготвувала за напади врз муслиманското малцинство Рохинџи одземајќи им ножеви и вооружувајќи немуслимани-цивили. Тие, исто така, ги принудувале Рохинџите да ги отстранат заштитни огради околу своите домови, соопшти денеска независната организација Фортифај рајтс.

Во извештајот на таа група за човекови права, се опишани подготовките на мјанмарските власти за пресметка со Рохинџите, кои воглавно живееле во државата Ракајн, пред радикалните припадници на тоа малцинство, на крајот на август, да извршат напад врз позиции на безбедносните сили на Мјанмар. По тој напад, следувал одговор од Мјанмар, што ОН и САД го опишуваат како етничко чистење – 700 илјади Рохинџи побегнаа во Бангладеш.

Во извештајот се нагласува дека армијата на Мјанмар почнала да запленува ножеви и други предмети, кои можеле да се користат како оружје или во самоодбрана по нападот на екстремистите врз полициски објекти во октомври 2016 година. Потоа следувале напади на армијата врз десетина села, а домовите тогаш ги напуштиле повеќе од 90.000 Рохинџи.

Армијата тогаш уривала заштитни огради околу куќи или ги принудувала Рохинџи тоа сами да го сторат, тренирала и доставувала оружје на немуслимански жители на државата Ракајн, и блокирала пристап на хуманитарни групи и доставување помош за сиромашни заедници на Рохинџите.

Во извештајот се нагласува дека „постојат основани сомненија дека во сите три општини на државата Ракајн е извршен геноцид и злосторство против човештвото“ и повикуваат на судење за одговорни воени и полициски претставници.