Војните во Африка однеле пет милиони детски животи во изминатите 20 години

26

Војните низ африканскиот континент, како и гладта и болестите што тие ги предизвикуваат, ги однеле животите на пет милиони деца под петгодишна возраст во изминатите 20-ина години, се оценува во репортажа на списанието „Лансет“.

Ова британско медицинско списание ги анализирало податоците од 35 африкански држави во периодот од 1995 до 2015 година, каде биле регистрирани вкупно 15.441 воени судири во кои биле убиени безмалку милион луѓе. Истражувањето покажало дека од петте милиони деца кои починале како резултат на овие судири, три милиони немале наполнето ниту една година.

Главни причини за смрт кај децата во конфликтните зони се уништувањето на здравствениот и санитетскиот систем, поради што се шират смртоносни болести. Недостигот на храна како резултат на конфликт исто така е голем проблем во Африка и предизвикува висока стапка на смртност кај децата.

Најопасни воени зони во овој период биле Конго, каде со децении беснее граѓанска војна, и Нигерија. Истражувањето покажало дека ефектите од воените судири се чувствуваат и стотина километри од местото на конфликтот и предизвикуваат смртност кај децата.