Војната против Исламска држава во Ирак не е завршена

183

Борците на Исламска држава (ИД) кои избегаа при падот на самопрогласениот Kалифат во Сирија претходно оваа година, сега нелегално ја минуваат границата и влегуваат во Ирак, со што се создаваaт услови за повторно појавување и засилување на групата во северниот дел на нестабилната земја на Блискиот Исток, пренесува „Вашингтон пост“.

Околу 1.000 борци преминале во Ирак во последните осум месеци, поголемиот дел од нив како резултат на падот на Калифатот во март оваа година, рече Хишам ал-Хашими, експерт за безбедност и советник во ирачката влада.

Овие борци, најчесто се Ирачани кои заедно со ИД влегоа во Сирија, а сега се враќаат дома за да им се приклучат на милитантските келии кои делуваат во руралните средини. Според тамошните експерти, доброто познавање на незгодниот терен, тајните тунели и другите места за криење се голема предност за милитантите.

– Милитантите најчесто се движат ноќе за потоа да спроведуваат напади од голема оддалеченост и поставување на бомби покрај патиштата, и тоа неколку пати неделно – пишува „Вашингтон пост“.

Целта на нивните напади, кои најчесто се надвор од големите градови, се лидери со големо влијание во општеството или лица од безбедносните сили кои се борат токму против повратниците на ИД. Претходно оваа недела, во екплозија во градот Киркук загинаа два мотоциклисти. Во друг напад во Дијала, милитантите и безбедносните сили неколку пати влегуваа во директни судири.

Медиумските сервиси на ИД објавуваа видеа со лош квалитет, покажувајќи ги нападите врз членовите на паравоените групации наречени „моктари“, кои имаат задача да им помагаат на безбедносните сили да ги идентификуваат лицата поврзани со екстремистичката група.

– Ги предупредувам сите „моктари“ дека ИД може да ве пронајде секаде – рече еден заробеник, во видео клип претходно оваа година, обраќајќи се на личностите како него кои соработувале со силите на владата.

Безбедносните сили на Ирак овој месец најавија почеток на нова кампања за обезбедување на границата со Сирија, која е долга скоро 600 километри. За неколку дена, војската објави дека пронашла локации на кои се создаваат бомби и ликвидации на повеќе милитанти за кои се смета дека соработуваат со ИД.

Иако калифатот на ИД е целосно уништен, нивната пропаганда останува многу цврста, особено на Блискиот Исток.

– Војната не е завршена. Има многу поглавја меѓу нас и вас, и тие ќе бидат напишани со крв – гласеше пораката на едно од видеата објавени од пропагандната машинерија на ИД.