Воените тензии помеѓу Русија и САД се засилија во воздух и на копно

290

Засилените тензии помеѓу американската и руската војска се проширија низ светот за само неколку дена, со што ги затегнаа и односите помеѓу Вашингтон и Москва, пишува „Њујорк тајмс“.

Руски борбени авиони наводно летале во близина на американски бомбардер Б-52 над Црното Море. Шест руски воени авиони летале блиску до Алјаска по што американските авиони Ф-22 ги пресретнале. А седуммина американски војници биле повредени кога руско оклопно возило удрило во американска патрола во североисточна Сирија.

Инцидентот во Сирија беше повод и за претседателскиот кандидат Џо Бајден да го критикува претседателот Доналд Трамп.

 – Дали го слушнавте претседателот да каже еден збор. Дали воопшто реагираше – кажа Бајден во говорот во Пенсилванија во понеделникот, додавајќи дека американските трупи не можат да се чувствуваат безбедно во мандатот на Трамп.

Државниот секретар Мајк Помпео претходно истакна дека сериозно ги сфатиле инцидентите, со што тој и еден од водечките луѓе на Пентагон ги предупредиле руските колеги.

Ваквите блиски средби се случуваат периодично во изминатите две години, во рамките на засиленото ривалство помеѓу Вашингтон и Москва кое потсетува на Студената војна.

Американските власти сметаат дека зачестувањето на инцидентите го зголумува ризикот за несреќа и за погрешен потег.

– Агресивните постапки на Русија зачестија во изминатите месеци. Се сомневам дека во пандемијата гледаат прилика да бидат поагресивни. Исто така се свесни за намалувањето на американските труми во Германија и за другите тензии во НАТО. Зарем тоа не е поволен момент за зголемување на стресот – вели Куртис Скапароти, пензионираниот американски генерал е поранешен командант на силите на НАТО во Европа.

Рускиот генерал и началник на генералштабот Валериј Герасимов, пак, во разговор со претседателот на Советот на генералштабовите на армијата на САД, генерал Марк Мили, истакнал дека американските трупи се обиделе да ја блокираат руската патрола во Сирија со што ги прекршиле тековните договори, според објавата на руската амбасада во САД.

Аналитичарите со кои разговараше „Њујорк тајмс“ сметаат дека инцидентите ќе се случуваат и понатаму доколку администрацијата на Трамп не заземе поагресивен став.