Воениот врв на САД во несогласување со Трамп за повлекувањето од Сирија

139

Американскиот воен командир кој ја водеше воената операција против ИСИС, за Си-ен-ен повторно изјави дека не се согласува со одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече трупите од Сирија и предупреди дека терористичката организација сѐ уште не е победена, што е сосема спротивно од изјавите на претседателот на САД.

Џозеф Вотел, кој е еден од највисоко рангираните американски генерали на Блискиот Исток, исто така рече дека сириската армија поддржана од САД нема капацитет самостојно да се справи со заканите од Исламската држава.

– Повлекување на трупите не е совет кој јас би го дал во ова време. Калифатот сѐ уште има свои лидери, борци, инфраструктура и ресурси, па затоа неопходно е нашето воено присуство за да се создаде притисок врз групите – рече Вотел.

Генералот за Си-ен-ен дополнително откри дека тој би изјавил дека ИСИС се победени само ако е сосема сигурен дека тие не претставуваат закана за регионот.

– Кога ќе кажам дека „ги победивме“, сакам да сум сигурен дека тие немаат капацитет и можности да организираат директни напади врз САД или врз нашите сојузници. Тие уште имаат силна идеологија и повторно можат да регрутираат борци – дополни Вотел.

Првиот човек на американската Централна команда претходно кажа дека не бил консултиран од страна на претседателот Трамп за контраверзната изјава при крајот на минатата година, кога тој тврдеше дека ИСИС се победени и за одлуката САД да се повлече од Сирија.

Одлуката на Трамп да ги повлече трупите од Сирија предизвика голем број на оставки на високи функционери, вклучувајќи го и Секретарот за одбрана Џејмс Матис и првиот човек на Стејт департментот задолжен за борбата на САД против ИСИС.