Воената ескалација штетна и за САД и за Иран

111

Американскиот претседател ѝ се закани на Исламската Република со последици какви што претходно во историјата малкумина искусиле, но, сепак, изгледите за воен конфликт меѓу двете земји се многу мали, оценува „Атлантик“

Американскиот претседател Доналд Трамп викендов преку Твитер го предупреди Иран на последици какви што претходно во историјата малкумина искусиле, очигледно зголемувајќи ги изгледите за воен конфликт со една од најголемите воени сили на Блискиот Исток. Реакцијата на Трамп следуваше по забелешките на иранскиот претседател Хасан Рухани пред иранските дипломати, дека Америка „би требало да знае оти мирот со Иран е мајка на целиот мир, а војната со Иран е мајка на сите војни“. Па, така, силните зборови на шефот на Белата куќа даваат впечаток дека конфликтот со Исламската Република е неизбежен. Коментарите на Трамп потсетуваат на реториката со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Само неколку месеци откако го нарече Ким „лудак“, Трамп се сретна со севернокорејскиот лидер во Сингапур, и почна дипломатски процес, кој, иако засега е без резултати, е полн со оптимизам. Но, ако се земе предвид историјата на американско-иранските односи, кои беа затруени со револуцијата од 1979 година, таков исход е малку веројатен. Сепак, неговата непредвидлива и независна надворешна политика може сите да нѐ изненади и во случајот со Иран, оценува „Атлантик“.

На некој начин, според „Атлантик“, коментарите на Рохани и одговорот на Трамп се повторуваа уште од мај, кога САД се повлекоа од нуклеарниот договор од Иран, чии потписници исто така беа и Кина, Франција, Русија, Британија, Германија и ЕУ. Администрацијата на Трамп тврди дека одговорот не го спречи иранското мешање во Сирија, Ирак, Јемен и Либан, иранската програма за балистички проектили или, пак, другите проблематични потези на Иран. Другите потписнички, пак, остануваат на ставот дека договорот имал единствена цел – справување со иранската нуклеарна програма – и навистина тој успеа во справувањето со тој аспект од иранската политика.

Минатиот месец, администрацијата на Трамп порача дека очекува сите земји што купуваат нафта од Иран, кој ги има едни од најголемите нафтени резерви во светот, да престанат со тоа до 4 ноември или да се соочат со американски санкции. И други трговски области се цел на американскиот притисок. Вашингтон дури и порача дека нема да има исклучок од санкциите, дури и за американските сојузници во Европа што тргуваат со Иран, чекор што сигурно ќе ѝ наштети на иранската економија. Сепак, за европските компании, со нивниот глобален синџир за снабдување и меѓународна работна сила, многу се поважни пристапот на финансискиот систем на САД и американскиот пазар на потрошувачи, отколку Иран.

Во говорот во мај, Мајк Помпео, шефот на американската дипломатија, претстави листа со 12 услова, кои Иран треба да ги исполни ако сака да има дипломатски и трговски односи со САД. Помеѓу условите се – ставање крај на иранската програма за балистички ракети, запирање на поддршката на групи како Хезболах, како и запирање на иранското мешање во Ирак, Сирија и во Јемен.

Од друга страна, Иранците очекуваа договорот за нуклеарна програма да ја поттикне иранската економија, која беше осакатена од повеќегодишните меѓународни санкции. Но ваквите очекувања бавно се материјализираат, бидејќи, како што тврдат критичарите на Техеран, Иран ги троши своите пари на воениот авантуризам во Сирија, Јемен и други места во регионот што, пак, доведе до протести против избраните ирански лидери, како и против шиитските лидери, кои имаат речиси апсолутна моќ. Администрацијата на Трамп тврди дека го поддржува иранскиот народ против неговите владетели, но во исто време, Иран се наоѓа на листата земји, на чии жители им е забрането да патуваат во САД.

На крајот на краиштата, Иран не може да си дозволи војна со САД. Земјата е ангажирана во Сирија, Ирак и, во помал степен, Јемен и во Либан. Техеран ги финансира Хезболах, Хамас и Хутите. И сето тоа додека иранската економија е во лоша состојба, која речиси сигурно дополнително ќе се влошува. Сепак, тоа што може Иран да го направи е значително да ги отежне работите за Трамп во регионот. Техеран има големо политичко и културно влијание во Ирак, кој, и покрај актуелните протести, е на прагот на стабилноста по повеќе години конфликт, и продолжува да го поддржува режимот на Асад во Сирија, а има и потенцијал да предизвика нестабилност и во Авганистан, со кого има заедничка граница. САД се свесни на сето тоа. Дури и ако највоинствените елементи на администрацијата на Трамп поддржуваат војна со Иран, самиот претседател е познат како противник на американскиот воен авантуризам, заклучува „Атлантик“.


„Стратфор“: Заканите се дел од стратегија за смена на власта во Техеран

Воинствените закани на Белата куќа против Иран не се само надворешнополитичка диверзија за одвлекување на вниманието од проблематичните прашања како што се Русија и Северна Кореја, тие се дел, и тоа значаен, од отворениот обид на администрацијата на Трамп за промена на режимот во Техеран, оценува „Стратфор“.
Сепак, според американски „Стратфор“, мали се шансите за американска воена интервенција. Сериозна американска воена ескалација против Иран најмногу ќе зависи од волјата и способноста на Белата куќа да ја задржи Северна Кореја на преговарачката патека. Покрај тоа, Русија најверојатно ќе се појави како дополнителен комплицирачки фактор за американската политика кон Иран. Исто така, стравот на Белата куќа од пораст на цените на нафтата, ограничувањата на Саудиска Арабија во балансирањето на пазарот на нафтата и сѐ поголемата закана од трговска војна за глобалната економија, се дополнителни ограничувачки фактори што би можеле да влијаат на ритамот на американските воени закани против Иран.