Внатрешни несогласувања ја одложија посетата на израелската делегација на ОАЕ

48

Внатрешните несогласувања доведоа до одложување на посетата на израелската делегација на Обединетите Арапски Емирати за финализирање на деталите за договорот за нормализирање на односите меѓу двете земји, објави израелскиот весник „Хаарец“.

Весникот наведува дека несогласувањата се појавиле околу составот на израелска делегација која ќе патува во заливската држава. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го овласти шефот на израелскиот Совет за национална безбедност, Меир Бен Шабат, да ја формира делегацијата.

– Израелската делегација што требаше да замине во ОАЕ за тие разговори е одложена поради несогласувањата за поделбата на власта помеѓу Советот за национална безбедност, Мосад и Министерството за надворешни работи – пишува „Хаарец“.

Според весникот, претставници на Министерството за надворешни работи веќе отпатувале во Абу Даби за да ги проверат зградите во кои може да биде сместена израелската амбасада.

„Хаарец“ пишува дека многу членови на кабинетот, особено оние од коалицијата „Бели и сини“ на министерот за одбрана Бени Ганц, се лути поради начинот на кој Нетанјаху ги спроведуваше разговорите со ОАЕ, заобиколувајќи го Министерството за надворешни работи и неинформирајќи ги Ганц и министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази.

– Наместо да користи луѓе од Министерството за надворешни работи, кои со години работеа на зајакнување на врските со ОАЕ, Нетанјаху ги испрати својот близок соработник, шефот на Мосад, Јоси Коен и амбасадорот во САД, Рон Дермер, практично сами да ги спроведат – пишува весникот.

Според извештајот, разговорите меѓу Израел и ОАЕ се одвиваат во изминатите два месеци откако американската администрација предложи да се одложи планот за анексија во замена за нормализирање на односите со заливската држава.

ОАЕ е првата земја од Заливот и трета арапска земја што има воспоставено целосни дипломатски односи со Израел, по Египет и Јордан.

И покрај извештаите дека договорот го стопира контроверзниот план на Израел за анектирање делови од Западниот Брег, Нетанјаху ја потврди континуираната посветеност на неговата влада за планот за анексија. Палестинските групи го осудија договорот, велејќи дека не прави ништо за палестинската кауза и ги игнорира правата на Палестинците.