Владата на Орбан дозволи влез на 300 мигранти од Венецуела

208

Унгарија прими околку 300 мигранти од Венецуела, на изненадување на светската јавност, поради тоа што владата на премиерот Орбан има многу строга имиграциска политика, пишува „Индепендент“.

Се смета дека мигрантите имаат унгарско потекло, а примени се во Унгарија со голема поддршка на Владата на Орбан и со помош на Унгарскиот сервис на хуманитарна помош од Малта.

Шефот на кабинетот на Орбан Гергели Гилас изјави дека овие луѓе, како сите други Унгарци, имаат право да се вратат дома.

– Тука се работи за Унгарци, а ние не ги сметаме Унгарците за мигранти – потврди Гилас.

Минатата година, Владата на Орбан донесе контроверзен закон со кој се ограничуваат активностите на невладините оранизации кои им помагаат на мигрантите. Целта на овој закон, според „Индепендент“, била да се оневозможи помош за миграните кои доаѓаа по Балканската рута од Блискиот Исток и Африка.

Унгарската опозиција реагираше на овој потег на властите, тврдејќи дека Владата се однесува лицемерно.

– Ја повикуваме Владата јавно да каже дека ја поддржува миграцијата. Ние немаме проблем со тоа да примиме мигранти и го поддржуваме овој чекор, но Владата ги третиртира Унгарците како идиоти, па дури и нивните сопствени приврзаници – стои во сооштението од опозицијата.

Унгарија претходно влегуваше во сериозни конфронтации со Брисел за тоа дали земјата треба да прими мигранти и азиланти кои доаѓаат на територијата на ЕУ од воените зони.

Се смета дека најмалку 3 милиони луѓе ја напуштија Венецуела поради кризата во земјата, а луѓето кои ги прими Унгарија се Унгарци кои по Втората светска војна мигрирале во јужноамериканската земја.