Владата го преживеа гласањето за доверба, драмата за брегзит продолжува

46

Пратениците во британскиот парламент ѝ изгласаа доверба на конзервативната премиерка Тереза Меј и покрај тоа што еден ден претходно нејзиниот план за брегзит претрпе историски пораз. Гласањето недоверба побарано од Лабуристичката партија не помина во парламентот, откако тие приврзаници добија 306 гласа наспроти 325 „против“. Кабинетот на Меј „преживеа“ благодарение на пратениците од нејзината Конзервативна партија и од малата северноирска Демократска унионистичка партија, кои обезбедија мнозинство за неа во Долниот дом на парламентот. Во меѓувреме, бившиот премиер Тони Блер порача дека неизбежно треба да следува одложување на истапувањето на Британија од ЕУ.

– Одложувањето на брегзит сега практично е неизбежно. Да сум јас сега влада, веќе би разговарал со Европа за условите за одложување – изјави Блер за Би-би-си.
Според него, евентуалното истапување на Велика Британија од ЕУ без договор за идните меѓусебни односи, би ѝ нанело значителни штети на британската економија.
Британската премиерка ги повика лидерите на парламентарните партии на разговори за излез од ќор-сокакот по отфрлањето на договорот, нагласувајќи дека политичарите треба да ги остават настрана своите лични интереси.

– Имаме одговорност да пронајдеме начин да обезбедиме поддршка во Долниот дом – нагласи Меј.

Во меѓувреме, портпаролот на британската премиерка не исклучи брегзит без зделка.
– Премиерката беше многу јасна дека британските граѓани гласаа за напуштање на Европската Унија. Сакаме да ја напуштиме ЕУ со договор, но Меј е решена да ја изврши одлуката на британскиот народ, а таа е да ја напуштиме Унијата на 29 март оваа година – изјави портпаролот на Меј.