Вирусната болест во Кина не е вонредна глобална здравствена ситуација

57

Во седиштето на Светската здравствена организација, во Женева, беше одржан состанок на кој е одлучено дали СЗО ќе прогласи вонредна глобална состојба поради новиот коронавирус.

СЗО соопшти дека вирусната болест во Кина од која заболеја стотици луѓе, се уште не е вонредна глобална здравствена ситуација.

Одлуката следи откако кинеските власти ставија во карантин три града и откажаа големи настани во Пекинг, за време на периодот на празникот Лунарна нова година, за да се обидат да го спречат новиот вирус, пренесе АП.

Здравствената агенција на Обединетите нации ја објави одлуката откако независните експерти два дена ги проценуваа информациите за ширењето на вирусот.

СЗО ја дефинира глобалната вонредна ситуација како вонреден случај, кој претставува ризик за другите земји и бара координиран меѓународен одговор.

Претходната вонредна глобална ситуација беше прогласена со појавата на вирусот зика во Америка, пандемија на свински грип и детска парализа.