Визните процедури ги оставија странските студенти во САД ни на небо, ни на земја

127

Враќањето во американските образовни институции е доведено во прашање за околу еден милион студенти од странство

Авторки: Меган Специја и Марија Аби-Хабиб

Њујорк тајмс

Оливер Филкокс беше при крај со слушањето на првата година од неговите магистерски студии по астрофизика на универзитетот Принстон кога се појави епидемијата на коронавирус. Наставата запре во март, а потоа беше префрлена онлајн. Во мај, тој одлучи да се врати назад во Велика Британија.

– На долг рок идејата беше лоша, но претпоставив дека ќе можам да се вратам во септември – изјави дваесет и четиригодишниот Филкокс.

Сега враќањето во американската образовна институција е доведено во прашање за Филкокс и безброј други странски студенти откако владата на американскиот претседател Доналд Трамп донесе уредба за оние студенти чија настава целосно беше префрлена онлајн, да им се укинат визите и да ги напуштат САД.

Многу универзитети сметаат дека ова е политички потег и обид да се изврши притисок врз нив да ги отворат вратите наместо да организираат онлајн-настава за време на пандемијата. За некои меѓународни студенти, уредбата претставува логистички проблем и неизвесност. Но за другите, особено оние чии татковини се зафатени од конфликт или комуникациските технологии не се доволно развиени за онлајн-настава, ваквата одлука ќе го наруши нивниот живот и драстично ќе ја промени нивната иднина.

Планот на администрацијата на Трамп да обезбеди физички часови за меѓународните студенти ќе опфати околу еден милион студенти, според податоците на извештајот „Отворени врати“ од 2019 за меѓународна образовна размена. Кина испраќа најголем број на студенти со тоа што во учебната 2018-19 година на американските универзитети се запишани 370.000 Кинези, а веднаш зад неа е Индија која има испратено 200.000 студенти.

Со ваквата реалност се зголеми гневот кај оние од другите страни на светот кои сега не можат да се вратат во САД за да го продолжат образованието. Многумина сега размислуваат дали воопшто вреди да се запишат на американски универзитет и покрај престижот и експертизата.

Макарена Рамос Гонзалез од Шпанија која е запишана на докторски студии по примената психологија на универзитетот во Делавер даде многу директен одговор за состојбата.

– Ако не ме сакаат тука, а администрацијата јасно покажа во повеќе наврати, тогаш можеби не требаше да дојдам – посочи таа.

Ваквата одлука нагласува голема неусогласеност меѓу диверзитетот кон кој повеќето универзитети се стремат да го постигнат преку студентите и научниот кадар, и владата која ги игнорира овие принципи.

Стотици илјадници студенти и нивните поддржувачи потпишаа петиции со барања до владата да ја преиспита одлуката и апелираа до универзитетите да ги заштитат странските студенти. Некои универзитети ги преиспитуваат нивните политики за повторно отворање наесен, во обидот да овозможат физички часови.

Харвард и Институтот за технологија „Масачусетс“ (МИТ) ја тужеа администрацијата на Трамп во федерален суд со цел да ја блокираат уредбата, тврдејќи дека одлуката е политичка и дека сакаат да го променат од корен високото образование во САД, а другите универзитети се обидоа ги олеснат стравовите на студентите, но многумина остануваат загрижени. Уредбата исто така предизвика забуни, затоа што не е јасно дали некои универзитети воопшто ќе понудат физички часови или дали рестрикциите ќе важат и за постдипломски истражувања.

За некои странски студенти, САД се прибежиште затоа што им нудат безбедност од конфликтот во нивните матични земји и олеснување од инфраструктурата која не може да поддржи далечинско учење. Но токму ова сега се промени од корен.

За студентите како Кунал Синг, кој е на докторски студии по политички науки на МИТ, не постои начин дури и да се врати дома. Тој нема летови до Индија, затоа што границите се затворени од март за да се спречи ширењето на коронавирусот. Негодувањето кон странците исто така одзеде дел од престижот за дипломирање на врвен американски универзитет.

Во многу случаи, магистрандите и докторандите имаат брачни партнери и деца кои живеат заедно со нив во САД што значи дека уредбата директно влијае и врз одродувањето на цели семејства. Ова значи дека во некои случаи децата можат да бидат отселени од држава во која се родиле и е единствената која ја познаваат.

Многу студенти се борат да сфатат дали ќе бидат опфатени со уредбата, особено оние кои се на постдипломски студии во сферата на истражувањето. Тие нема да имаат физички часови и ќе мора да учат самостојно.

Превод: Билјана Здравковска