Веќе слушнатиот крик и повиците за линч не ги штитат индиските ќерки

100

Силувањето и убиеството на 13-годишно девојче во северна Индија поттикна нов излив на незадоволство во државата која жали за последната жртва на сексуалните напади врз жените и девојчињата, пренесува Си-ен-ен.

Двајца мажи од селото во кое живеело девојчето во сојузната држава Утар Прадеш беа уапсени поради сомнеж дека извршиле убиство, откако телото на девојчето било пронајдено во поле, според полицијата. Жртвата била од најниската каста во индискиот класен систем кој и натаму ја дефинира положбата на Индијците во општеството уште од нивното раѓање, и покрај тоа што беше укинат во 1950 година.

Чандрашекар Азад, активист за правата на луѓето од најниската каста Далит, вели дека угнетувањето на нејзините припадници е на највисоко можно ниво.

– Нашите ќерки не се безбедни, нашите домови не се безбедни… Околу нас владее атмосфера на страв – напиша Азад на Твитер.

Вестите за смртта на девојчето одново предизвикаа гнев во Индија која се бори со постојаниот проблем на сексуалното насилство врз жените. Според податоците на Бирото за криминални досиеја на Индија, повеќе од 33 илјади случаи на силување биле пријавени според последните податоци од 2018 година – околу 91 случај дневно. Експертите укажуваат дека бројот веројатно е поголем, бидејќи жртвите често не ги пријавуваат нападите поради срам.

За разлика од претходните случаи, последното убиство не резултираше со улични протести, што се должи на пандемијата на коронавирус. Законодавците усвоија низа амандмани за законите што се однесуваат на силувањата, по бруталното убиство на студентка од Њу Делхи во 2012 година, како и потоа во 2018 година, по убиството на осумгодишно-девојче, но сексуалните напади и натаму претставуваат сериозен проблем за Индија.

Минатата година дваесет и тригодишна жртва на силување починала во болница во Њу Делхи, откако била запалена од четиричлена група во која бил и нејзиниот наводен силувател, додека одела на пат кон судското сослушување за нејзиниот случај. Таа била полиена со керозин и запалена, според полицијата. А во одделен инцидент, полицијата уби четворица мажи осомничени за силувањето и убиството на 27-годишна ветеринарка во близина на градот Хајдерабад. Грозоморното насилство во неколкуте напади врз жените тогаш предизвика големо незадоволство во Индија, насочувајќи го вниманието кон судскиот систем во азиската држава.

Во индиските судови мометно има 133 илјади отворени случаи за силување, а незначителен е бројот на жртвите кои ја дочекуваат пресудата на нивните напаѓачи (32 отсто од случаите во 2017 година завршиле со осудителна пресуда). Ниската стапка на случаите што завршуваат со осудителна пресуда делумно се должи на притисоците со кои се соочуваат жртвите и сведоците. Се проценува дека во Индија се случува по едно силување на секои 20 минути. Индија е најопасното место на светот за жените, се наведува во истражувањето на фондацијата „Томсон Ројтерс“ од 2018 година.

Токму затоа, голем број на незадоволни граѓани бараат правда и одмазда за жртвите.

– Доколку ова не стане проблем на национализмот и националната гордост, не гледам дека нешто ќе се смени. Овдешното општество ги девалвира жените систематски и ги прави подчовечки суштества. А силувањето е најлошиот симптом на ваквата состојба – вели активистката за социјална правда Дипа Најаран.

Повеќемина политичари во индискиот парламент досега повикуваа обвинетите за случајот во Хајдерабад да бидат линчувани и обесени. Но секретарката на Сеиндиската прогресивна женска асоцијација, Кавита Кришнан, смета дека тоа само ќе ја влоши состојбата.

– Повикот на смртна казна не е ништо повеќе од црвена харинга (израз за информација која е лажна или невистинита – н.з.). Тоа е лесна опција бидејќи избегнува институционална одговорност и не чини ништо. Тоа е само начин на законодавците да се убедат оти се што е потребно за решавање на проблемот е елиминацијата на еден или два од овие ѓаволи. Уште немаме дискусија за тоа што треба да се случува, па така ништо не се менува. Повикувањето на смртна казна за силување само значи дека уште повеќе жени ќе бидат убиени за да не сведочат – категорична е Кришнан во нејзината неодамнешна изјава.

Активистите кои се борат за заштита на жените и за менување на законите сметаат дека индиската влада е одговорна за проблемот, додека бараат решенија.