Верувањето на мормоните во соживот со наркокартелите заврши трагично

249

Со децении малото село на американските мормони во планините во северозападно Мексико, коегзистираше мирно со најмоќниот наркокартел во регионот. Американците застануваа на контролните пунктови на картелот. Тие ги поздравуваа луѓето на картелот на локалните коњички трки и им делеа сезонско овошје. Кога на возилата на картелот им требаше поправка, американскиот механичар ги поправаше по иста цена како и за неговите соседи од селото Ла Мора, пишува „Њујорк тајмс“.

До неодамна, животот на Американците во подрачјата без закон, зависеше од одржување на кревкиот мир со шверцерите на дрога. А во понеделникот стана јасно дека никаква спогодба нема да ја заштити Ла Мора од напливот на насилство. Тоа утро, оружени напаѓачи застанаа три возила на правлив пат надвор од селото и убија три жени и шест деца. 

Мексиканската влада сугерираше дека возилата биле нападнати по грешка, што ги разлути жителите на Ла Мора, за кои ваквото објаснување нема смисол. Тие велат дека Американците биле цел на картел од соседната сојузна држава Чивава, можеби во знак на одмазда за блискоста на локалната заедница со локалниот картел во Сонора, каде што се наоѓа Ла Мора. Масакрот се случи во време кога се засили војната за територија помеѓу картелите.

Ла Мира беше основана во 50-те години на минатиот век во рамки на движењето на мормоните кои се оттргнаа од матичната црква. Со децении тие беа отсечени во однос на САД и остатокот на Мексико, без електрична енергија и вода. Жителите подигнаа фарми и ранчови, со што заедницата забележа процут до 90-те години. Домовите беа градени по теркот на предградијата во САД.

Кога пријателите ќе ги прашаа за нивната безбедност, многумина објаснуваа дека ретко ги заклучуваат вратите во нивните домови. Тие им дозволуваа на децата да талкаат слободно низ планинските предели на Сиера Мадре. Но наспроти идилата, жителите на Ла Мора ја препознаваа стратешката важност на нивната заедница, која се наоѓа на необезбедениот пат што води кон американската граница, за сите шверцери на дрога.

Масакрот ги шокираше Мексико и САД отворајќи ги прашањата за неможноста на Мексико да ја обезбеди сопствената територија, што го наведе американскиот претседател Доналд Трамп да ја понуди помошта на американската војска. Убиството на жените и децата ја урна илузијата дека само криминалците се жртви на насилството на наркокартелите. Убиствата во Источна Сонора го збришаа тој аргумент на најбрутален можен начин.