Венецуела во тајност го бара своето злато назад?

244
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, наводно, го бара златото назад

Претставници на власта во Венецуела, наводно, отпатувале во Лондон на преговори со Банката на Англија, со цел да вратат злато во вредност од над 500 милиони долари во Каракас, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Администрацијата на претседателот Николас Мадуро пристапила кон Банката на Англија на почетокот на ноември, со прашањето за пренесување на 16,5 тони злато од банкарските трезори во Англија кон Јужна Америка, според неофицијални информации.

„Ројтерс“ претходно објави оти англиската банка побарала образложение за намерата на Венецуела за враќањето на златото, што се чини дека резултирало со посетата на претставниците на венецуелската власт во Лондон.

Британските медиуми засеага шпекулираат со имињата кои, наводно, учествуваат во преговорите за златото, но истакнуваат оти не е познато дали воопшто дошло до средбите. Информациите предизвикаа бројни критики кон Банката на Англија, првенствено од англиските пратеници.

Венецуела е меѓу главните продавачи на злато. Јужноамериканската држава годинава продаде околу 26 тони злато на Турција, чија приближна вредност изнесува 900 милиони долари. Резервите на злато на Венецуела, се намалија од 400 на 175 тони во изминатите неколку години, според статистиката на централната банкна на јужноамериканската држава.