Велика Британија и Иран пак ги разбрануваа водите на Ормутскиот Теснец

204

Три ирански брода синоќа се обидоа да попречат британски нафтен танкер во Персискиот Залив, што придонесе да се продлабочат тензиите во виталниот канал за транспорт од Иран, тврдат двајца американски официјални претставници со директно познавање на инцидентот, пренесува Си-ен-ен.

Британскиот танкер отпловил од Персискиот Залив и преминал во областа на Ормутскиот Теснец кога кон него се приближиле иранските бродови. Иранците издале наредба танкерот да го промени правецот и да застане во близина на иранските територијални води.

Танкерот го насочил своето оружје кон Иранците и вербално ги предупредил да се повлечат. Иранците го послушале предупредувањето и отстапиле.

Во изјавата на британското Министерство за одбрана се наведува дека спротивно на меѓународното право, три ирански брода се обиделе да го попречат преминувањето на британскиот танкер преку Ормутскиот Теснец.

– Танкерот беше принуден да се позиционира помеѓу иранските бродови, на што тој возврати со вербално предупредување до Иранците, кои потоа се одвратија. Ние сме загрижени поради овој настан и апелираме до иранските власти да ја смират состојбата во овој регион – стои во изјавата.

Иранската револуционерна гарда денеска ги негираше тврдењата дека се обидела да го попречи британскиот танкер.

Ова е само уште еден инцидент во низата на поморските епизоди во кои е вклучен Иран. Инцидентот се случи една недела откако Британските кралски маринци упаднаа на ирански брод за кој постоел сомнеж дека пренесува нафта во Сирија.