Вдовицата на Коби Брајант ги тужи шерифот и полицијата на Лос Анџелес

344

Ванеса Брајант, сопругата на загинатата кошаркарска ѕвезда Коби Брајант ги тужи шерифот Алекс Виланева и полицијата на Лос Анџелес за објавување на фотографии од падот на хеликоптерот во јануари, кога загина нејзиниот сопруг и нивната ќерка Џиана заедно со уште седум лица, пренесува Си-ен-ен.

Со граѓанската тужба во Врховниот суд на Лос Анџелес, Ванеса Брајант бара отштета поради кршење на човековите права, небрежност, предизвикување на емоционална болка и вознемиреност, како и повреда на приватноста по смртта на нејзиниот сопруг и ќерка. Ванеса тврди дека полицајците со своите мобилни телефони ги сликале мртвите тела на нејзиниот сопруг Коби и ќерката Џиана на местото на несреќата. На денот на несреќата, членовите на семејствата на загинатите шерифот ги уверувал дека местото на несреќата е обезбедено.

Во тужбата се наведува дека осум полицајци со своите мобилни телефони на местото на падот на хеликоптерот ги фотографирале мртвите деца, нивните родители и тренери без ничија дозвола. Според адвокатот на Ванеса Брајант еден од полицајците во бар ги покажувал контроверзните фотографии на жена што се обидувал да ја импресионира, а во тој момент ги видел шанкерот и веднаш го пријавил случајот во полиција.

Во тужбата се вели дека Ванеса Брајант дознала за објавување на фотографијата од напис објавен во февруари во „Лос Анџелес Тајмс“, по што таа побара од полицискиот оддел информации за истрагата и детали за тоа што е направено за да се заштитат сите фотографии од местото на несреќата.

Во тужбата се наведува дека шерифот Виланева се обидел да ја прикрие целата ситуација и ги убедил своите колеги да ги избришат сликите, со што се обидувал да ги уништи доказите.

– Госпоѓата Брајант се вознемирува од помислата како јавноста ги гледа сликите од нејзиниот покоен сопруг и ќерка. Ванеса живее во страв дека еден ден таа или нејзините деца ќе ги видат овие фотографии на социјалните мрежи, а токму тоа сака да го спречи – изјавил адвокатот на Ванеса Брајант.