„Ваша е, ние завршивме“

384

Американското повлекување ќе ги остави курдските сили во Сирија без воена поддршка, додека турскиот претседател Ердоган се заканува дека ќе ги нападне, сметајќи ги курдските бунтовници за терористи. Турција почна со концентрација на сили во близината на градот во северна Сирија, кој е под контрола на силите предводени од Курдите, кои се поддржани во САД

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот американски колега Доналд Трамп постигнале договор за избегнување вакуум на власта во Сирија, по најавеното повлекување на американските сили од блискоисточната земја. Трамп, според американски дипломатски извори, во телефонскиот разговор му ја „препуштил“ Сирија на Ердоган, наводно со зборовите: „Ваша е, ние завршивме“. Сѐ поголеми се стравувањата за нова офанзива на Анкара против курдските сили во североисточна Сирија, токму во регионот од каде што ќе се повлечат американските војници. Турција минатата ноќ испрати дополнителни единици и воена опрема преку сириската граница во близината на градот Манбиџ, пренесуваат светските медиуми.

– Двајцата лидери се договорија да се обезбеди координација помеѓу војниците, дипломатите и другите претставници на своите земји, за да се избегне празнина во власта, која би можела да се појави доколку се искористи американското повлекување и фазата на транзиција во Сирија – се наведува во соопштението на турското претседателство.

Ердоган, исто така, нагласил дека неговата земја е подготвена да му даде поддршка на својот сојузник од НАТО во рамките на одлуката за повлекување. Претходно, и претседателот Трамп изјави дека со турскиот колега разговарал за постепеното и исклучително координирано повлекување на американските војници од Сирија.

– Само што имав долг и продуктивен разговор со Ердоган – објави на Твитер американскиот претседател, додавајќи дека разговарале и за борбата против Исламската држава, заедничкиот ангажман во Сирија, како и за билатералните трговски односи.

Трамп, како што пренесува Си-ен-ен, наводно му рекол на Ердоган дека „САД завршија со Сирија“.

– Во ред, ваша е. Ние завршивме – истакнал Трамп во телефонскиот разговор со шефот на турската држава.

Трамп во средата ја најави можноста за повлекување на околу 2.000 американски војници, кои се наоѓаат во североисточна Сирија, каде што заедно со арапско-курдската коалиција се борат против џихадистите од ИД. Американскиот претседател оцени дека овие војници повеќе не се корисни, бидејќи терористичката група во голема мера е поразена.

Американски воени претставници забрзано работат на подготвувањето распоред за повлекување на војниците од Сирија. Одлуката на Трамп предизвика изненадување, како во САД, така и во светот. Министерот за одбрана Џејмс Матис поднесе оставка само еден ден по таквата одлука, додека земјите-сојузници на САД, меѓу кои и Франција, Британија и Германија, изразија голема загриженост поради најавеното повлекување на американските сили. Трамп, според Ројтерс, барал веднаш да почне повлекувањето, но експертите го убедиле дека им е потребно време да разработат план кога ќе се случи тоа.

Американското повлекување ќе ги остави курдските сили во Сирија без воена поддршка, додека турскиот претседател Ердоган се заканува дека ќе ги нападне, сметајќи ги курдските бунтовници за терористи. Турција почна со концентрација на сили во близината на градот во северна Сирија, кој е под контрола на силите предводени од Курдите, кои се поддржани во САД. Концентрацијата на турски сили се случува и покрај тоа што Турција вети дека ќе ја одложи најавената офанзива во овој дел на Сирија по одлуката на Трамп за повлекување на американските војници.