Буш: Гласајте и учествувајте во носењето на историската одлука

76

Договорот од Преспа е храбар и фер компромис што ќе ја стави Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и ќе и осигура светла иднина. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да гласаат на референдумот и да учествуваат во носењето на оваа историска одлука, истакнува поранешниот претседател на САД во обраќањето до граѓаните на Република Македонија.

Во писмо до македонскиот народ, што го објави Атлантскиот совет во Вашингтон, Буш пишува дека уште од првиот ден на македонската независност Соединетите Американски Држави се постојан пријател на земјата и граѓаните.

– Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнувње од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување на напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир, вели Буш.

Буш

Тој нагласува дека како претседател на САД имал чест да го поддржи претседателот Трајковски во 2001, кога тој ја оттргнал Македонија од работ на граѓанската војна во правец на општество дефинирано со мултиетничко разбирање и владеење на правото.

– И бев горд кога Соединетите Држави ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име во 2004, вели Буш.

Истакнува дека договорот од Преспа, сега пред неговата ратификација, е храбар и фер компромис, кој ќе ја стави Македонија на патот кон влез во Европската унија и НАТО, и што ќе осигура светла иднина, која претседателот Трајковски ја имал замислено.

– Ги повикувам сите граѓани на Македонија да учествуваат во носењето на оваа историска одлука и да гласаат на националниот референдум на крајот од овој месец. После една деценија на пречки, сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас, за вашите деца, за вашите соседи и за вашата земја, вели Буш во писмото, нагласувајќи дека со нетрпение го очекува денот кога САД гордо ќе и посакаат добредојде на Република Северна Македонија како најнов сојузник и 30-та членка на НАТО.

Буш додава дека претседателот Трајковски бил „човек со интегритет, решителност и, најмногу од се, човек со верба“. Тој, вели поранешниот претседател на САД во писмото, имаше верба во Господ, верба во својата земја и нејзините луѓе, како и верба во способноста на нејзините лидери да носат мудри одлуки.