Будењето на антисемитизмот испрати загрижувачко предупредување до Евреите во Германија

74

Централниот еврејски совет во Германија на дебатата за антисемитизмот процени дека безбедносната ситуација на Евреите е влошена во поголемите градови. Претседателот на Израел Рувен Ривлин ја искажа својата загриженост во врска со ситуацијата, пренесува Дојче веле.

Џозеф Шустер, челникот на централниот еврејски совет во Германија, за весникот „Велт ам зонтаг“ изјавил дека безбедноста на Евреите во државата е значително влошена во последните неколку години.

– Не сум личност која што драматизира, но состојбата е влошена во голема мера. Веќе некое време, во некои поголеми градови Евреите се изложени на ризик доколку се препознатливи како Евреи – изјавил тој синоќа.

Комесарот на антисемитизмот во Берлин, Феликс Клајн, предупредил дека мажите од еврејската заедница во Германија треба да избегнуваат носење на традиционалните еврејски капи на некои јавни места.

– Не можам да кажам дека е препорачливо за Евреите да ги носат традиционалните еврејски капи насекаде и во секое време во Германија. Моето мислење на оваа тема е значително поразлично за разлика од порано – изјавил Клајн во интервју завчера.

Според официјалните бројки, бројот на нападите врз Евреите во Германија се зголемил од 1.504 во 2017 на 1.646 во 2018 година, односно за 10 отсто. Бројот на пријавени случаи за насилство врз Евреи нараснал од 37 на 62 за истиот временски период.