Бројот на загинати во ураганот Доријан се искачи на 43

56

Бројот на загинати во ураганот Доријан на Бахамите се искачи на 43, јавуваат американските медиуми.

Ен-би-си објави дека официјалниот број на загинати се искачи на 43, а тој број се очекува значително да расте.

„Вашингтон пост“ објави дека 35 луѓе загинале во невремето на островот Абакос, а осум други загинале на Големите Бахами.

Потрагата по исчезнати лица продолжува и денеска.

Ураганот од петта категорија што ги зафати Бахамите, ги погоди американските држави Јужна и Северна Каролина, ослабнат како ураган од прва категорија. Сепак, над 280,000 објекти и домови останаа без електрична енергија.

Метеоролозите предупредуваат дека иако Доријан ослабнал, сепак е придружуван од силни ветрови и претставува опасност по животот и имотот на луѓето во тие држави, но и во Вирџинија. Затоа, гувернерите на тие држави прогласија вонредна состојба.

Предупредување за евакуација е издадено во двете Каролини за околу 900.000 луѓе.