Британскиот принц Ендрју негира дека злоупотребувал малолетничка

69

Британскиот принц Ендрју првпат во интервју за Би-би-си, одговори на прашања за наводната поврзаност со осудениот педофил Џефри Епстајн, при што призна дека било грешка тоа што престојувал во неговата куќа.

Во едно од ретките интервјуа, принцот Ендрју категорично ги отфрли обвинувањата дека имал сексуални односи со Американката Вирџинија Робертс, која го обвини за сексуална злоупотреба во време кога била малолетна.

Таа тврди дека тоа се случило трипати во 2001 и 2002 година кога имала 17 години – во Лондон, Њујорк и на приватниот остров на Епстајн на американските Девствени Острови.

– Тоа не се случи. Јас категорично можам да ви кажам дека такво нешто не се случило – изјави принцот Ендрју, истакнувајќи дека не се сеќава дали некогаш лично се сретнал со девојката, пренесе Би-би-си.

Принцот Ендрју со месеци е под притисок поради врските со Епстајн, 66-годишен американски финансиер, кој, откако беше обвинет за сексуално злоставување на малолетни лица, се самоуби во август во затвор во Њујорк.

Во 2010 година, принцот Ендрју, третото дете на кралицата Елизабета Втора, беше фотографиран како шета со Епстајн во њујоршки парк, две години откако финансиерот беше осуден за подведување на малолетничка.