Британија ќе остане во царинската унија и по 2021 година?

657

На неодамнешната владина седница британските министри се согласиле дека Британија треба да се обиде да остане во царинската унија, ако предвидената технологија за гранична контрола не биде подготвена навреме за 2021 година

Британија ќе ѝ каже на Европската Унија дека е подготвена да остане во царинската унија и по 2021 година. Британските надлежни министри, кои работат на брегзит, се договориле за нов план со кој ќе се избегне физичка граница со Ирска откако ги одбија претходните предлози на ЕУ, наведува „Телеграф“
Според распоредот, Британија треба да ја напушти Унијата во март следната година, но обезбеди преоден договор со кој трговските врски со ЕУ ги задржува непроменети до крајот на 2020 година. Британската премиерка Тереза Меј изјавуваше дека Британија ќе излезе од царинската унија, со што земјата ќе може да склучува свои трговски договори со други земји. Сепак, министрите се поделени околу прашањето каков вид царински систем ќе биде воспоставен со ЕУ, кој го бара Лондон.

На завчерашната седница министрите се согласиле дека Британија треба да се обиде да остане во царинската унија, ако предвидената технологија за гранична контрола не биде подготвена навреме за 2021 година. Властите предупредиле дека таа може да се одолжи до 2023 година. Според „Телеграф“, портпаролот на Меј одби да ги коментира информациите.
Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, во понеделникот рече дека од март досега нема значителен напредок во преговорите за брегзит.


Тужба за шест членки на ЕУ поради загадување на воздухот

Европската комисија одлучи да поднесе тужби пред Европскиот суд за правда против Германија, Франција, Унгарија, Италија, Романија и Британија поради кршење на одредбите за квалитетот на воздухот.
Франција, Германија и Британија ќе бидат тужени поради непочитување на ограничувањето на азот диоксид, а Унгарија, Италија и Романија бидејќи не успеале да го намалат нивото на штетни честици.
Од друга страна, Шпанија, Словачка и Чешка нема да бидат тужени бидејќи ветија мерки што ќе овозможат да се исполнат стандардите на ЕУ за квалитетот на воздухот.