Британија поделена меѓу сојузот со САД и привлечниот кинески пазар

170
Британија не ги послуша САД и му дозволи на „Хуавеи“ да ја развива 5Г-мрежата

Британците сакаат уште посилни „специјални односи“ со САД, ама и подобри економски врски со Кина

Британија по официјалното збогување со ЕУ тргна самостојно да гради нови политички, економски и безбедносни врски со светот. Таа смета на уште поинтензивен развој на специјалните односи со САД, ама и на поголем пристап до кинескиот пазар, што ги лути Американците.
Брегзит ги разниша традиционалните геополитички односи и само времето ќе покаже кој ќе биде победник, а кој губитник во овој историски процес. Каков и да биде исходот, јасно е дека е направен преседан и дека работите нема да бидат исти во светот, во кој се раѓа нов поредок, нагласува „Геополитика“. Едно од прашањата во оваа ситуација е како ќе плови Британија во немирните води, имајќи ги предвид нејзината моќ, влијание и економија, наспроти светските сили како САД или Кина.
Вашингтон продолжува да врши притисок врз Лондон по неговата неодамнешна одлука да ѝ дозволи на кинеската компанија „Хуавеи“ да учествува во развојот на 5Г-мрежата на Британија. За време на последната посета на Британија, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, рече дека администрацијата на Доналд Трамп ќе „процени како ќе ги спроведе Британија планираните проекти“ и додаде дека британската влада „сè уште има шанса да размисли за спроведување на плановите“, поврзани со развојот на 5Г-мрежата. Еден ден пред пристигнувањето на Помпео во Лондон, британската влада на Борис Џонсон објави дека ќе му дозволи на „Хуавеи“ да учествува во изградба на инфраструктурата за мрежата 5Г.

Експертите сметаат оти Вашингтон ќе продолжи да врши притисок врз Лондон да им овозможи на други компании да ја развиваат британската 5Г-мрежа, зашто американскиот врв и понатаму има негативен став кон одлуката на британскиот премиер. Тоа го потврдува и изјавата на републиканскиот сенатор од Небраска, Бен Сасе.
– Тажната вистина е дека нашите специјални односи сега станаа помалку специјални, откако Британија направи избор во корист на државните шпиони-комунисти во „Хуавеи“ – изјави тој.
Сенаторот ја спореди оваа ситуација со Студената војна на САД и Британија со СССР, кога „Маргарет Тачер не контактираше со КГБ за да заштеди неколку пени“. Тој, исто така, смета дека Кинеската комунистичка партија со помош на „Хуавеи“ ќе ги зарази т.н. пет очи (прекар за сложените радарски и разузнавачки системи во САД, Канада, Британија, Австралија и Нов Зеланд).

Излегувањето на Британија од ЕУ, меѓу другото, требаше да му овозможи на Лондон да дејствува независно и непречено за да ги оствари своите економски интереси на глобално ниво наместо да биде попречуван од маратонските административни битки во сложените структури во Брисел. Но, сега, неговиот најголем сојузник, Вашингтон, почнува да се наметнува на патот на оваа „независност“, иако Британија уште не успеала „да го вдиши новиот воздух на слободата“ што не му го дозволуваа „оковите“, наводно наметнати од ЕУ. Не е тајна дека Лондон по брегзит смета на активниот и забрзан развој на билатералните односи со Кина. Британија сака да го направи тоа не само преку своето влијание во Хонгконг, туку и директно политички со Пекинг и пазарно преку Шангајската берза и преку вклучувањето во кинеската Азиска банка за развој на инфраструктурата, која беше создадена во рамките на нејзиниот глобален инфраструктурен проект „Еден појас, еден пат“. Во тој поглед, веќе се воспоставени многу британско-кинески политички и економски контакти и се постигнати договори, а еден од нив резултираше со нивната соработка во областа на информатичката технологија и градењето на 5Г-мрежата.

Наспроти несомнената, сеопфатна и цврста британска алијанса со САД, Лондон сепак сака да одржи релативно висок степен на независност при донесувањето клучни одлуки за неговите национални интереси, пред сѐ оние на надворешната политика. Но таа независност, од гледна точка на администрацијата на Трамп, ќе мора да биде сѐ помала и на крајот да згасне, односно да се усогласи со американските национални интереси, што е многу чувствително прашање за британската елита. За тоа говори и самиот спор околу „Хуавеи“, но и изјавите за разнишаноста на „специјалните“ односи меѓу Вашингтон и Лондон.
Токму на таков притисок од САД предупредуваше Брисел во рамките на преговорите за брегзит, порачувајќи им на Британците дека Американците ќе ги „вшмукаат“ сите нивни желби и планови во нивните национални интереси и стратегии и дека на крајот нема ништо да остане од британскиот суверенитет. Тие потсетија дека во рамките на ЕУ, Британија отсекогаш имала доволно привилегиран статус и простор да дејствува независно во многу важни сектори, од судството, миграцијата, одбранбената политика и слично.

Едно сценарио е Лондон под притисок на Вашингтон да го протера „Хуавеи“, со што ќе го загрози развојот на билатералните односи со Кина, а тоа пак би резултирало со слабеење на позициите на Британија на огромниот кинески пазар, кои сигурно ќе бидат преземени од други играчи. Друго сценарио, кое според „Геополитика“ е многу поверојатно, е Лондон да го издржи притисокот од Вашингтон, а Американците тивко да се помират со фактот дека Британците ќе развиваат односи и со Кинезите и да ја прифатат таквата ситуација, пред сѐ, поради огромната важност на Британија во рамките на заедничката воена северноатлантска алијанса.