Британија ги повлекува дипломатите од ЕУ

67

Британските дипломати ќе се повлечат од институциите на Европската Унија во Брисел во рок од неколку дена, во согласност со планот на владата на премиерот Борис Џонсон. Во обидот да се засили пораката дека Британија ќе ја напушти ЕУ до 31 октомври, британските дипломати ќе престанат да присуствуваат на секојдневните состаноци во белгиската престолнина, пишува „Гардијан“.

Ваквиот потег, според официјални претставници во Лондон, е во согласност со првото обраќање на Џонсон во Долниот дом на парламентот, кога порача дека ќе ја ослободи британската дипломатија од европските работи. Критичарите, сепак, предупредуваат дека симболичното повлекување ќе ја остави Британија без увид во одлуките на Унијата што, пак, би им наштетило на националните интереси.

„Гардијан“ потсетува дека се очекува присуството на британските дипломати на претстојниот состанок на работната група на ЕУ, на кој другите 27 земји-членки ќе разговараат за прашања од безбедноста, паневропскиот одговор за идните кризи што би можеле да ги опфатат граѓаните, надворешната политика, како и заштитата на интересот на потрошувачите.

Од друга страна, британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб најави дека ќе присуствува на самитот на шефовите на европските дипломатии, што кон крајот на месецов ќе се одржи во Хелсинки.

Сепак, како што наведува „Гардијан“, не е познато до каде ќе се спроведува британското повлекување на дипломати од ЕУ до 31 октомври. Околу 150 британски дипломати постојано се присутни во Брисел, каде што лобираат за интересите на Британија.