Британец осуден на доживотен затвор во ОАЕ поради шпионажа

95

Британецот Метју Хеџес е осуден денеска во сојузниот суд во Абу Даби на доживотен затвор поради шпионажа за странска земја, соопшти портпаролката на неговото семејство, а британската влада порача дека со тоа е „длабоко шокирана“.

Докторантот на Универзитетот во Дурам, на северозападот на Англија, бил уапсен на аеродромот во Дубаи на 6 мај, откако дошол во Обединетите Арапски Емирати(ОАЕ) заради разговори за надворешната политика и безбедносната стратегија на земјата.

– Можеме да потврдиме дека е осуден на доживотен затвор – рече портпаролката на семејството, при тоа додавајќи дека сослушувањето траело помалку од пет минути и адвокатот на одбраната не бил присутен.

Хеџес има рок од 30 дена да се жали на пресудата.

– Длабоко сум шокиран и разочаран – рече Џереми Хант, британски министер за надворешни работи, додавајќи дека за тој случај разговарал со престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед бин Зајед.

Британецот на 29 октомври е привремено пуштен на слобода и доби нараквица за електронско следење. Тој одбра да престојува во Дубаи, изјави неговата сопруга Даниела Тејада.