Брегзит е лоша вест за американската надворешна одбранбена политика

102

Британската долгорочна одбранбена стратегија исто така мора да се справи и со сомнежите за иднината на НАТО, кои беа разгорени од очигледниот скептицизам на администрацијата на Трамп за организацијата. Во неодамнешно интервју за „Сандеј тајмс“, британскиот министер за одбрана Бен Волас изјави дека чувствува несигурност за американската посветеност на НАТО и оти одлуките што се носат без консултација со европските сојузници дополнително ги отуѓуваат, наведува „Њузвик“

Британското напуштање на Европската Унија дополнително ќе го оптовари НАТО, ќе ги искомплицира американските трговски и безбедносни напори во Европа, и, истовремено, ќе го остави отворено прашањето за учеството на Британија во идните американски и европски заеднички воени операции, како што е распоредувањето сили, оценуваат експертите.
Една од многуте последици на брегзит е заминувањето на долгогодишниот сојузник што се залагаше за американските интереси внатре во европските безбедносни структури и агенди.
– Кога станува збор за безбедноста, брегзит не е добра вест за САД. Без британското влијание во идните европски одбранбени аранжмани, поголеми се шансите тие да не бидат толку наклонети на американските интереси. За Вашингтон, „специјалниот однос“ со Лондон во најголем дел се темелеше на британското влијание во ЕУ – истакнува Ијан Лесер, потпретседател на германскиот Маршалов фонд.

Сега, откако е доведена во прашање главната порта за американската индустрија во Европа, аналитичарите стравуваат дека ќе останат помалку канали отворени за воените компании и снабдувачи, како што е „Нортроп груман“, да се натпреваруваат на растечкиот одбранбен пазар во Европа. Истовремено, Америка е клучна за распоредувањето европски сили, за што се потребни американска посветеност и учество со воена авијација.
– По излегувањето од ЕУ, Британија ќе има ограничени опции за распоредување на своите воени сили – оценува Хетер Конли, потпретседател на Центарот за стратегиски и меѓународни студии.

Од друга страна, британската долгорочна одбранбена стратегија исто така мора да се справи и со сомнежите за иднината на НАТО, кои беа разгорени од очигледниот скептицизам на администрацијата на Трамп за организацијата. Во неодамнешно интервју за „Сандеј тајмс“, британскиот министер за одбрана Бен Волас изјави дека чувствува несигурност за американската посветеност на НАТО и оти одлуките што се носат без консултација со европските сојузници дополнително ги отуѓуваат.
– Ние сме многу зависни од американската воздушна поддршка и од американското разузнавање и набљудување – истакна Волас.

Вашингтонскиот договор од 1949 година, со кој беше формирано НАТО, содржи клаузула за „заедничка одбрана“. Со неа се гарантира дека нападот врз една земја-членка на Алијансата е напад на сите потписнички на договорот. Договорот беше дел од Маршаловиот план, чија цел беше обнова на Европа по Втората светска војна. Волас предупредува дека можноста САД да се повлечат од својата позиција на глобален одбранбен играч и коалициски партнер е многу загрижувачка, наведува „Њузвик“.