Борците на Исламска Држава се закана за поранешните граници на СССР

154

Директорот на разузнавачката агенција на Русија предупредува дека околу 5.000 борци на Исламската држава претставуваат опасност за границите на поранешниот Советски Сојуз, пренесува „Њузвик“.

Според изјавите на државната руска новинска агенција ТАСС, Александар Бортников, шеф на Федералната служба за безбедност, предупредува дека околу 5.000 борци на ИД биле распоредени во северен Авганистан и сега претставуваат опасност за границите на поранешниот Советски Сојуз.

Бортников го соопшти ова на средба со шефовите за безбедност на поранешниот Советски Сојуз.

– Членовите на меѓународните терористички организации ги користат бегалците и економските мигранти како камуфлажа, со цел да патуваат незабележано меѓу воените зони – изјави Бортников.

Тој додаде дека оперативци на ИД можат да ги искористат мигрантските бранови со цел да ја прошират својата идеологија, да постават тајни ќелии и на тој начин да изведат терористички напади во земјите во кои мигрантите бараат азил.

Иако опасноста од ИД е сведена на ниско ниво откако нејзините борци беа поразени во Сирија и Ирак, бројноста на ИД во Авганистан е во пораст. Огранокот на ИД во Авганистан и Пакистан се заколна на верност на Абу Бакр ал-Багдади во 2014 година. Заедно со бунтовници од поранешните советски држави од централна Азија, групата исто така, вклучи и голем број борци од редовите на талибанците.

На крајот на април официјални лица на САД предупредија дека ИД ќе го употреби тлото на Авганистан како терен за подготвување напади против Соединетите држави.

– Знаеме дека одредени милитанти од ИД се обидуваат да го прошират своето влијание, знаење и искуство од борбите стекнати во Сирија и Ирак и се обидуваат да се регрупираат во Авганистан – изјави висок американски разузнавач за „Франс Прес“.

Во 2017 година, Пентагон погрешно информираше дека ИД ќе биде истисната од Авганистан до крајот на истата година. Во неодамнешен извештај на Обединетите нации во врска со ова прашање се наведува дека, бројот на борци од ИД во Авганистан изнесува од 2.500 до 4.000 милитанти.