Борба против шумски пожари во близина на Чернобил

74

Екипите за итни случаи во Украина продолжуваат и денес да се борат со шумски пожар во контаминирано подрачје околу нуклеарната централа во Чернобил, што предизвика стравување од радијација.

Противпожарната служба соопшти дека била во можност да локализира еден пожар што зафатил површина од 12 хектари, но дека друг пожар, на околу 20 хектари, не е локализиран, пренесува агенцијата АП.

За гаснење на пожарите се користат и авиони.

Властите соопштија дека нивото на зрачење во областа погодена од пожарот е далеку над нормалното, но дека во главниот град на Киев, на околу 100 километри јужно, нивото на радијација е во нормала.

Зоната во Чернобил е воспоствена по катастрофата во централата во април 1986 година, по што радиоактивен облак се прошири над поголем дел од Европа.

Зоната е претежно ненаселена, иако околу 200 луѓе останале и покрај наредбата да заминат од таму.