Борбата за лидерство ја кочи иднината на ЕУ

55

Државите-членки на ЕУ и пратениците во европскиот парламент не можат да се согласат кој да ја предводи Конференцијата за иднината на Европа, со што ниту една страна не сака да попушти, пишува „Политико“.

Наспроти ентузијазмот на Урсула фон дер Лејен за отпочнување на процесот за преобликување на европскиот блок, заткулисниот натпревар за тоа кој треба да биде главен се заканува да ги загрози нејзините планови. Претседателката на Европската комисија во четвртокот истакна дека Конференцијата за иднината на Европа е „речиси подготвена за почеток“ откако беше одложена пред неколку месеци поради пандемијата. Конференцијата беше идеја на францускиот претседател Емануел Макрон во 2019 година. Таа е замислена како форум за поврзување на европските граѓани, цивилното општество и европските институции, со цел Европејците да кажат каква ЕУ сакаат и како да се управува со блокот.

Сите институции на ЕУ се согласија (во одредена мера) за тематиката на конференцијата, но тековната битка за пронаоѓање на харизматична фигура од Унијата која ќе претседава при расправите, ги закочи напорите за отпочнување на настанот. Отфрлањето на кандидатот на Европскиот парламент Ги Верхофстат беше повод за отворање на битката за лидерство, односно за јавувањето на нови кандидати за позицијата, вклучувајќи го поранешниот фински премиер Александер Стуб.

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, предупреди дека застојот се заканува на веќе „амбициозниот“ распоред за одржување на конференцијата.