Болтон се закани со санкции за Меѓународниот суд во Хаг доколку САД бидат обвинети за воени злосторства

180

Џон Болтон, советникот на национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска се закани дека САД ќе воведат санкции против судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) доколку тие се решат да отворат кривични истраги за воени злосторства извршени од американски војници во Авганистан.

– САД ќе ги употребат сите расположливи средства за да ги заштитиме нашите граѓани и граѓаните на нашите сојузници од неправично гонење од страна на овој нелегитимен суд, пишува во обраќањето што Болтон најави дека денеска ќе го има во Вашингтон, пред здружението Федералист. Цитати од обраќањето на Болтон беа споделени со медиумите уште пред тоа да се случи.

САД се спротиставуваа на работата на МКС уште од неговото формирање, стравувајќи дека судот може да обвини американски политичари и војници за воени злосторства во Ирак, Авганистан и низа друга држави. САД не го ратификуваа создавањето на судот во 2002 година, иако поранешниот претседател Барак Обама во неколку случаи одобри соработка со МКС.

Санкциите кои ги најавува Болтон може да содржат забрани за патување во САД за судиите на МКС, замрзнување на имот што судот со седиште во Хаг го има во САД и други мерки за да се попречи неговата работа.