„Божиќниот подарок“ на Ким Јонг-ун ги држи Американците во неизвесност

263

Автор: Џоби Ворик

Вашингтон пост

Пред Северна Кореја да лансира својата прва интерконтинентална балистичка ракета (ИКБМ) во 2017 година, научниците го тестираа најновиот ракетен мотор со цел да ги испитаат неговите перформанси. Моторот на течно гориво успешно согори за 200 секунди и создаде доволно голем потисок за боевата глава да може да прелета пола свет.

Две години подоцна на 13 декември беше изведен истиот тест на нов ракетен мотор пред очите на научниците. Овој пат согорувањето траеше 400 секунди, односно речиси седум минути, како што официјално беше соопштено.

За аналитичарите кои одблиску ги следат ваквите тестирања резултатите беа зачудувачки и збунувачки. Последната интерконтинентална балистичка ракета на Северна Кореја беше доволно моќна за да стигне до американскиот источен брег. Дали беше вграден нов генератор во истата ракета или нешто беше променето? Никој не знаеше, но експертите стравуваат дека светот може наскоро да дознае.

Еден американски владин претставник кој зборуваше за севернокорејските капацитети тврдеше дека „седум минути се многу време“. Експериментот во севернокорејскиот космодром Сохеј,  еден од двата во изминатиот месец, ги подгреа шпекулациите за природата на „божиќниот подарок“ кој лидерот Ким Јонг-ун го вети, ако нуклеарните преговори со администрацијата на Трамп наидат на ќор-сокак.

Сателитските камери во изминатите недели забележаа активности на неколку локации каде што Северна Кореја порано ги произведуваше или ги тестираше ракетите.
Претседателот Трамп вчера презриво коментираше за природата на подарокот, велејќи дека „можеби подготвил убав подарок или можеби му испратил убава вазна наместо ракетен тест“. Но последните забележани активности исто така го потврдуваат она во што американските разузнавачки агенции одамна се сомневаа. Покрај самонаметнатиот мораториум за тестирањето на нејзините најнапредни ракети во изминатите две години, Северна Кореја никогаш не ги запре напорите да произведе нови оружја. Всушност, научниците на Ким го искористија затишјето за да го усовршат и прошират државниот арсенал, како што велат претставници од САД и Источна Азија.
Американските аналитичари велат дека двата теста во Сохај ја покажуваат повеќемесечната напорна работа на севернокорејскиот арсенал на моќни ракети на течно гориво, кој веќе вклучува две интерконтинентални балистички ракети „хвасонг 14 и 15“ кои можат да погодат цели на американска територија.

Но научниците во државата постигнаа напредок и во производството на други видови на ракети. По неуспешниот самит на САД и Северна Кореја во Виетнам, Пјонгјанг тестираше пет нови ракети од краток и среден дострел што користат цврсто гориво. Ракетите со цврсто гориво побрзо се движат и потешко се детектираат во споредба со сличните ракети кои користат течно гориво. Една од најновите ракети во севернокорејскиот арсенал е „кн-23“ лесноманеврирачкиот проектил од краток дострел која лета ниско и тешко се пресретнува. Ракетата од среден дострел „пукгуксонг-3“ може да се лансира од подморници.

Покажувањето на која било од овие технологии делумно има за цел да покаже незадоволство од ќор-сокакот во нуклеарните преговори и да ја испровоцира администрацијата на Трамп да предложи нови отстапки на преговарачката маса. Но експертите велат дека поважната порака се испраќа до самите Американци со секое ново лансирање на ракети.

– Ова би бил еден начин на истакнување на нашата ранливост за да покажат дека имаат капацитет да стигнат до нас – вели Роберт Литвак, директор по меѓународни безбедносни студии на Меѓународниот научен центар „Вудро Вилсон“.

Истата порака во форма на паралелно тестирање на интерконтинентални балистички ракети ги доведе САД и Северна Кореја на работ на криза во 2017 година. Литвак изјави дека е загрижен што новата рунда на ракетни тестови или „божиќното изненадување“ може да биде почеток на нов циклус на ескалации со неизвесен исход и порача дека „не реагираат убаво кога се изложени на закани“.

Низа навестувања

Под претпоставка дека ќе ги оствари заканите, изборот на Ким за божиќен подарок на крајот ќе биде политичка пресметка. Источноазиските дипломати и некои западни аналитичари сметаат дека тој ќе направи не толку драматичен потег во однос на лансирање на интерконтинентална балистичка ракета или нов тест на нуклеарно оружје, со цел да избегне целосна саботажа на американско-севернокорејските преговори и да ги наруши односите со кинескиот лидер Си Џинпинг. Во секој случај Ким има голем избор на опции, а во изминативе неколку месеци, тој многупати ја измачуваше јавноста со нови навестувања.

„Големото изненадување“

Подарокот на крајот на годината исто така може да биде од поинаква природа и може да биде вистинско изненадување, како што сметаат аналитичарите. Севернокорејските научници постепено ги редуцираат бројните технички бариери што го спречуваат капацитетот на Ким да ги нападне САД со нуклеарни боеви глави, а комунистичкиот лидер може да одлучи да го претстави новото достигнување.

Двата ракетни теста во Сохај, објектот кој Ким сакаше да го затвори, ги подгреаја шпекулациите дека Северна Кореја се подготвува да претстави помоќна, повеќестепена ракета за лансирање сателити во вселената.

Други експерти, кои се повикуваат на невообичаеното долго време на согорување од седум минути на експериментот од 13 декември, сметаат дека Пјонгјанг работи на подобрена поделена боева глава на врвот од новите интерконтинентални балистички ракети. За да стигне до територијата на САД, ракетата и нејзината нуклеарна боева глава треба да ја издржат високата температура кога влегува во горниот слој на атмосферата. Можеби Севернокорејците го користеле силниот потисок на ракетниот мотор за да ги симулираат овие услови.

Дури и поскромна демонстрација, на пример нов тест на една од постарите севернокорејски интерконтинентални балистички ракети, ќе претставува политички став со тоа што би се прекршил самонаметнатиот мораториум. Но познавачите на состојбата сметаат дека би била грешка да се отфрли можноста за други поголеми изненадувања, ако Ким повторно ја врати активната програма за тестирање во наредните месеци.

Превод: Билјана Здравковска