Битката за одбрана од „Движењето“ се води на света земја

142
Незадоволните жители носеа пароли „Стоп Банон, слободна Европа“

Група активисти од мало италијанско село во близина на Рим се обидуваат да ги попречат плановите на поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Банон, за десничарска револуција во Европа, пренесува европското издание на магазинот „Политико“. Околу 200 луѓе од селото Колепардо протестираа поради намерата на Банон да го претвори 800 години стариот манастир Трисулти во академија што ќе го создаде следниот бран на популистички политичари.

Незадоволните жители носеа пароли „Стоп Банон, слободна Европа“ и „Трисулти, европска земја“, нагласувајќи дека манастирот од 1204 година претставува „инклузивни идеи што не го исклучуваат остатокот од светот“.

Тие се надеваат дека ќе го оспорат правото за изнајмување на манастирот по правен пат, врз основа дека намерите за академијата не соодветствуваат со целта за која е изграден верскиот објект. Тие посочуваат дека академијата ќе го трансформира местото кое симболизира мир во упориште на антиевропскиот национализам.

Во академијата, идните политичари треба да изучуваат филозифија, теологија, економија и историја, во одбрана на „основите на западната цивилизација“. Академијата Трисулти на тој начин би станала значителна културна иницијатива во полза на „Движењето“, политичкиот проект на Банон за поддршка на десничарските групи во Европа.

Фондацијата наречена „Движењето“ беше оформена со цел да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос, односно за покренување „десничарска револуција“ во Европа. Брисел беше избран за седиште на фондацијата што треба да им помага на десничарските партии, преку изработка на анкети, политички совети, овозможување на пристап до податоци, организирање на кампањи на социјалните мрежи, како и во изборот на кандидати.

Поранешниот директор на екстремно конзервативниот интернет-портал „Бреитбарт“, Банон, има амбиција да создаде широка коалиција на популисти во следниот состав на ЕП. Тој е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, Британецот Најџел Фараж и со други „алтернативни десничари“ во Европа. Банон планира да патува низ Европа во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај, како и да организира голема конференција во Брисел. М.Ж.

Стив Банон и Марин Ле Пен