Битката за Каталонија ќе ја потресе ЕУ

145

Поништениот референдум за независност од 2017 година засекогаш ја измени позицијата на Каталонија во Шпанија, поттикнувајќи неповратни процеси не само во неа туку и во целата Европска Унија. Но доколку Мадрид и раководството на ЕУ остануваат на цврстиот став, отфрлајќи го фактот дека Каталонија долгорочно не може да биде запрена, настанатиот ефект ќе го загрози и самиот опстанок на Унијата каква што ја познаваме, оценува „Политика“

Силите на каталонската сувереност нема да се откажат од борбата за независност на Каталонија, а како што стојат работите сега, ниту централната шпанска власт не сака да се повлече од своите позиции. Тоа што почна во Каталонија повеќе не може да биде запрено, дури ни со примена на сила. Поништениот референдум за независност од 2017 година засекогаш ја измени позицијата на Каталонија во Шпанија, поттикнувајќи неповратни процеси не само во неа туку и во целата Европска Унија. Настаните во Каталонија се дел од големото будење на народите во Европа и вистинска преродба на силите на националната сувереност, кои сѐ уште не ја оствариле својата национална држава и кои со повеќе или помалку принуда се задржуваат во постојните европски државноправни ентитети. Заедно со отпорот на самите национални држави на сѐ поочигледните намери за претворање на ЕУ во наднационален државен проект, ќе го изменат лицето на Европа, оценува порталот „Геополитика“.

Продолжувањето на ескалацијата на судирите е повеќе од извесно и не може да се смета на повлекување на која било од страните. Ниту Барселона нема причина и простор за отстапки, ниту Мадрид има што да загуби. Покрај тоа, сосема е јасно дека со отцепувањето на Каталонија, Шпанија како држава повеќе не би постоела како геополитички субјект, дури и во случај во нејзин состав да останат Баскија и другите региони, што е малку веројатно. Пучдемон и неговиот тим со својот обид за стекнување независност ги втемелија патиштата на идното историско движење токму во насока на каталонската независност. Тоа прашање сега полека ќе тлее во шпанскиот и европскиот политички комплекс. Покрај тоа, Пучдемон уште во 2017 година порача дека на Каталонија ѝ е потребна демократска и одбранбена политика, а плановите одат дотаму, и се повикува на формирање каталонска војска, со преземање на каталонските офицери од шпанската војска и постепено формирање копнени сили и воена морнарица.

Од друга страна, Мадрид проценува дека има доволно сила и маневарски простор да го држи под контрола каталонскиот притисок, пред сѐ поради надворешната поддршка на неговата политика, особено од страна на ЕУ, и поделеноста на граѓаните на самата Каталонија. Мадрид и понатаму ќе има целосна поддршка од ЕУ и сите нејзини членки, бидејќи со признавањето на правото на самоопределување на Каталонија, бриселската елита би го негирала и карактерот на својата политика, која, искривувајќи ја идејата за европска рамноправна соработка на националните држави, создава наднационална творба под хегемонија на Германија и со асистенција на најмоќните европски држави.

Но доколку Мадрид и раководството на ЕУ остануваат на цврстиот став, отфрлајќи го фактот дека Каталонија долгорочно не може да биде запрена, настанатиот ефект ќе го загрози и самиот опстанок на Унијата каква што ја познаваме. Па, така, каталонската борба за независност уште сега ги заживеа сепаратистичките движења низ Европа. Сепаратистички движења постојат во повеќе европски земји, а Шкотска, Фландрија, Јужен Тирол, Корзика, Оцитанија, Баскија – сите тие го чекаат својот историски момент.

Затоа, потиснувањето на Каталонија и оневозможувањето на нејзината независност, доколку продолжи, скапо ќе ги чини и Шпанија и ЕУ, која ја поддржува. Сосема е изгледно настаните во Каталонија со себе да ги донесат и почетоците на распаѓањето на ЕУ каква што е денес, едноставно затоа што бриселската елита, под контрола на најмоќните земји-членки, овој пат се најде на „погрешната“ страна на историјата и мали се шансите дека, постапувајќи како досега, ќе успее да ја запре европската пролет на народите, заклучува „Геополитика“.