Битката за импичмент се сели во Сенатот

119

Борбата за отповикување на шефот на Белата куќа се префрла во Сенатот, каде што мнозинство имаат републиканците, кои, пак, малку е веројатно да гласаат против „својот“ претседател. Затоа сега се поставува прашањето дали отповикувањето ќе му помогне или ќе му наштети на обидот на Трамп за реизбор во 2020 година. Иако не може со сигурност да се одговори на ова прашање, едно е сигурно – целиот процес ќе ја консолидира базата на поддржувачи на американскиот претседател, оценува „Гардијан“

Претставничкиот дом на Конгресот, во кој доминира Демократската партија, изгласа отповикување на претседателот Доналд Трамп. Ваквиот исход од гласањето беше очекуван, ако се земе предвид убедливото демократско мнозинство. Сега битката се префрла во Сенатот, каде што мнозинство имаат републиканците, кои, пак, малку е веројатно да гласаат против „својот“ претседател. Затоа сега се поставува прашањето дали отповикувањето ќе му помогне или ќе му наштети на обидот на Трамп за реизбор во 2020 година. Иако не може со сигурност да се одговори на ова прашање, едно е сигурно – целиот процес ќе ја консолидира базата на поддржувачи на американскиот претседател. А доколку, како што се очекува, Сенатот го „ослободи“ од обвиненијата, Трамп сигурно уште посилно ќе удри по своите противници, а пред сѐ демократите, оценува „Гардијан“.

Британскиот весник наведува дека казната од Претставничкиот дом може да се смета за уште една битка во американската „студена граѓанска војна“. Однесувањето на Трамп ја тестираше американската демократија уште од почетокот на неговиот мандат. Изборите за Конгресот во 2018 година го почнаа бранот за корекција на состојбата, давајќи им мнозинство на демократите во Претставничкиот дом. Но спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, се реши да ја почне процедурата за импичмент дури по објавувањето на информациите дека Трамп вршел притисок врз Украина за политичка услуга.

Па, така, демократите му ја запечатија судбината на Трамп како третиот американски претседател против кого е изгласан импичмент во Претставничкиот дом. Но разликата од казната за претседателот Бил Клинтон, точно пред 21 година, е доста поучна за тоа што може да му донесе иднината на сегашниот шеф на Белата куќа. Како што републиканците постојано го потсетуваа Претставничкиот дом, овој пат немаше двопартиска поддршка за отповикување на Трамп.

Со други зборови, Трамп сега уште повеќе ќе го зголеми својот углед во очите на неговата гласачка база. Поради тоа, тешко е да се предвиди точно какво влијание ќе има гласањето во Претставничкиот дом врз претседателските избори наредната година. Вистина е дека Трамп ќе мора да се бори на изборите со голем товар на грбот.

Неговиот демократски противник сигурно ќе предупредува против реизборот на човекот што ја злоупотреби функцијата и го опструираше Конгресот. Но дури и за прогресивните гласачи, справувањето на Трамп со Украина ќе биде помала мотивирачка сила отколку неговиот вообичаен расизам и мизогинија или неговите економски и еколошки деструктивни политики.

Марк Тисен од институт „Американ ентерпрајз“ укажува на можните последици од претстојното гласање во Сенатот.

– Кога Сенатот ќе го ослободи Трамп, како што неизбежно ќе го стори тоа, духот на „Отпорот“ ќе биде ослабен, додека, пак, поддржувачите на Трамп ќе бидат засилени од неговата победа и очигледното ослободување – истакнува Тисен.
Посочувајќи на позитивните економски податоци, вклучувајќи го ниското ниво на невработеност, придвижувањето околу трговскиот договор со Мексико и Канада, како и со Кина, Тисен смета дека изминатите неколку недели несомнено се најдобрите во досегашниот мандат на Трамп.

Покрај тоа, овие економски податоци очигледно ги згаснаа надежите на демократите дека претставувањето на случајот со Трамп на јавни сослушувања значително ќе го сврти јавното мислење против него. Најновата анкета на Си-ен-ен покажува дека 32 отсто од Американците сметаат дека истрагата за отповикување на крајот ќе му помогне на Трамп во обидот за реизбор, додека, пак, 25 проценти изјавиле дека ќе му наштети.