Битката за Африка отвора нов фронт на големите сили

205
Претседателите Си Џинпинг и Доналд Трамп имаа средба на самитот Г20 месецов

Соочувајќи се со зголемената конкуренција од Кина за влијание во Африка, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претстави нова стратегија за Црниот континент, фокусирана на комерцијалните врски, контратероризмот и на подобро пласирана американска помош. Но планот можеби доаѓа предоцна, објавува магазинот „Атлантик“.

Советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, јасно предупреди дека крајната цел на влијанието на Пекинг во Африка претставува напредувањето на кинеската глобална доминација. Тој предупреди дека ваквата практика ќе го доведе Црниот континент во многу полоша состојба од сегашната.

Американците посочуваат оти Пекинг вложува многу повеќе пари во Африка, во однос на другите држави, што ги одвраќа другите потенцијални инвеститори, вклучувајќи ги и нив. Во отсуство на конкуренција, Кина изградила патишта, брани и железнички пруги во области кои се слабо поврзани. Кинезите потпишале богати договори за сурови материјали со владите на државите богати со ресурси. Згора, Кина не ги објавува условите на дадените заеми.

– Кина користи подмитување, нејасни договори и стратешка употреба на долговите, за да ги држи африканските држави како заложници – истакна Болтон, додавајќи дека кинеските инвестиции, не само што се корумпирани, туку и не ги задоволуваат американските етички и еколошки стандарди. 

Забелешките на Болтон сугерираат дека Африка ќе стане следно „боиште“ помеѓу САД и Кина. Критиките на кинеската политика претставуваат една од главните теми за кои има согласност од Демократската и Републиканската партија. Кина е на врвот на листата приоритети на американската надворешна политика, за разлика од Африка. Но, зголеменото влијание на Пекинг ги примора американските политичари да преземат одредени мерки. 

САД планира инвестиции од 60 милиони долари во сиромашните африкански земји, но тие се занемарливи во споредба со плановите на Кина, која се очекува да инвестира 60 милијарди долари во следните три години. Кина и САД, сепак, не се единствените играчи на Црниот континент. Русија го зголемува влијанието преку нудење воени договори за правото за ископување минерали. Турција ги зголемила дипломатското присуство и ги засилила трговските врски, а има и воена база во Сомалија. Арапските држави, пак, вложиле милијарди во инфраструктурата во Африка.