Берлин бара од ЕК да најде безбедно пристаниште за мигрантите

64

Германија побара од Европската комисија да најде безбедно пристаниште во кое ќе може да се закотви бродот на германската хуманитарна организација со 64 мигранти.

Официјален Берлин наведува дека е подготвен да прими некои од мигрантите, но очекува и европските партнери да го сторат истото.

Групата „Си-Ај“ побара од Берлин да ги искористи дипломатските канали за да најде пристаниште во кое ќе се вплови бродот со спасените мигранти.

Малта и Италија одбија да ги отворат своите пристаништа за хуманитарните спасувачки бродови, наведувајќи дека нивните активности ги поттикнуваат шверцерите на луѓе.

Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи, Стефан Руве Глезенкамп изјави дека Берлин побарал од Европската комисија да ја координира потрагата по безбедно пристаниште.

Тој додаде дека Германија верува оти „голем број држави членки“ на ЕУ ќе бидат подготвени да ги преземат мигрантите и дека Берлин е подготвен да го заврши својот дел од работата.