Белгија доби влада по 500 дена договарање

52

Европски куриозитети за функционирање на држави без влада

По речиси 500 дена коалициските партнери во Белгија постигнаа договор за нова влада. Беше потребно долго време за преговори, бидејќи најголемата политичка фламанска партија Нова фламанска алијанса и најголемата француска партија на социјалистите не успеаја да оформат влада.

Кралот категорично ги седна на маса преговарачите

Се одиграа многу (повеќе од 10) преговарачки рунди, кои траеја околу 500 дена, до постигнувањето договор. Во последната рунда тие доставија и оставка до кралот, но тој ги одби и не го прифати нивниот предлог. Па, така, тие повторно седнаа на преговарачката маса и конечно, во вторникот вечер, се постигна договор за оформување на новата влада на Белгија.
За нов белгиски премиер е избран фламанскиот либерал Александар де Кро. Тој ќе ја наследи Софи Вилмес, претходната премиерка што ја менаџираше кризата со ковид-19.

Кој е новиот белгиски премиер Александар де Кро?

Тој има 44 години и има две деца. Живее во Бракел, село во Источна Фландрија. Има завршено на Економскиот факултет во Брисел и магистрирал бизнис-администрација во Соединетите Американски Држави. Има работено како консултант во „Бостон консалтинг груп“, а потоа станува политички активен во Фламанската либерална партија во Белгија. Има искуство како министер во повеќе влади. Очекувањата од овој премиер се дека успешно ќе управува со новата влада за надминување на кризите во општеството.
Името на новата коалиција е „Вивалди“ и означува четири сезони, четири политички бои, а тие се: сина за либералите, црвена за социјалистите, зелена за „зелените“ и портокалова за христијан-демократите. Во коалицијата има седум политички партии: четири фламански и три од Валонија.

Следниот клучен чекор е програмата на новата коалиција

Програмата на новата коалиција треба да се усвои од сите политички партии поединечно. Доколку се постигне тоа, да се надеваме наредната недела, ќе се оформи владата.
Надежите на Белгијците се дека овој пат ќе успеат да ги надминат разликите и дека конечно ќе заврши оваа сага.
– Се надевам дека новата влада успешно ќе управува со кризата. Јас работам во администрацијата и веќе подолго време се соочуваме со проблеми. Очекувам стабилна влада што ќе се посвети на проблемите и ќе ни овозможи да продолжиме да си ја работиме работата. Сѐ уште чекаме детали, но и да видиме кои ќе бидат избрани за министри. Но едно е јасно: изминатиов период беше особено напорен за сите нас – беше една од првите изјави на загрижен граѓанин, жител на Брисел, со кого разговаравме вчера.
Инаку, завчерашната вечер, според новинарите, била исцрпувачка не само за политичарите туку и за новинарите. Тие и досега, по безмалку цели деноноќија, будно ги следеа настаните пред Палатата на Егмонд. За изминатово деноноќие новинарите останале и без храна, односно со малку моркови и јаболка, па едвај собрале сила за да си ја извршат својата работа.

Лорета Трајковска за „Нова Македонија“ од Белгија