Без помошта на стотиците волонтери, спасувањето ќе беше невозможно

204

Зад сцената, една цела армија волонтери се грижеа за логистичка поддршка на спасувачките тимови. Таков е и случајот со Равинмарт Лулерт, која повеќе од петнаесет ноќи ги собираше униформите на спасувачите, за да ги исчисти во својата пералница

Целиот свет со недели нетрпеливо го очекуваше епилогот од неверојатната приказна за спасувањето на 12-те деца и тренерот од пештерата во Тајланд. За среќниот крај, заслуги има целата армија тивки херои што учествуваа во извлекувањето на младиот фудбалски тим. Кои се нуркачите што први стигнаа до децата? Кој е лекарот што остана со нив во пештерата и им помогна да преживеат? Кој е нуркачот што го даде својот живот за да се спасат? Кои се волонтерите што им помагаа на спасувачите додека ги извлекуваа децата? Конечно, кои се децата и тренерот што успеаја да го преживеат тринеделниот пекол? „Нова Македонија“ во фељтон во повеќе продолженија нуди одговори на овие прашања за чудото од поплавената тајландска пештера.

Очите на светската јавност беа вперени во мисијата за спасување на 12 тајландски момчиња и нивниот тренер, а главни херои беа нуркачите, докторите и другите експерти. Но зад сцената, една цела армија волонтери се грижеа за логистичка поддршка на спасувачките тимови. Таков е и случајот со Равинмарт Лулерт, која повеќе од петнаесет ноќи ги собираше униформите на спасувачите, за да ги исчисти во својата пералница.

– Еден ден, еден пријател ми испрати фотографии од спасувачите, кои беа во многу валкани униформи. Полицајците ми кажаа дека нивните униформи не се исчистени повеќе од четири дена. Се разбира дека ми беше задоволство да помогнам. Униформите ги собиравме во девет часот навечер, а ги остававме во четири наутро. Моравме ноќе да работиме, бидејќи на тимовите им беа потребни униформите многу рано наутро. За среќа, имавме голем број вработени, волонтери и пријатели што можеа да работат прекуноќ – вели Лулерт.

Еден од тие волонтери беше и Суван Канкив. Тој беше задолжен за перењето на униформите и нуркачките одела на нуркачите од американската морнарица.
– Немав способност директно да ги извлечам децата, затоа можев да помогнам во перењето на тие алишта – истакнува Канкив.

Меѓу волонтерите беше и Ситисак Саванрак, кој со својот мопед бесплатно ги носеше од и до пештерата спасувачите и другите лица што беа дел од операцијата за излекување на младиот фудбалски тим. Ситисак вели дека добро познава едно од 12-те момчиња.
– Најт е одлично момче, кое само сака да вози велосипед и да игра фудбал. Тој е многу тивок, не зборува многу, но е многу културно момче. Сите од овој град на децата гледаат како на членови од нивните сопствени семејства. Воопшто не се двоумевме да дадеме пари или да им помогнеме за да ги извлечеме. Тоа што се случуваше со овие деца беше историски момент за Тајланд. Па, така, знаев дека ќе биде добро ако помогнам барем малку за мисијата – додава Ситисак.

Од друга страна, голем број волонтери секојдневно подготвуваат стотици халал-оброци за муслиманските спасувачи.
– На почетокот во една испорака имавме сто оброци. Но потоа дознавме дека има многу муслимани во морнаричките тимови и другите единици, па затоа двојно го зголемивме количеството. Понекогаш кога правев специјално јадење, како бирјани или кари, правев многу повеќе, за да можат сите да јадат, а не само муслиманите – истакнува Дониа Какакен.

Софија Таинанант, која беше лидерка на групата муслиманки волонтери за извлекувањето од пештерата, истакнува дека на муслиманските спасувачи на почетокот воопшто не им било лесно да најдат халал-храна.
– Затоа одлучивме за нив да приготвуваме халал-оброци. Мојата група добиваше донации од муслиманите од целата земја. Истовремено, се обединија муслиманските и будистичките заедници во Чианг Раи и пошироко и споделуваме иста цел, односно успешно завршување на мисијата – вели Таинанант.