Бегство од новозеландскиот „Чернобил“ низ пламен и пепел

448

Туристите трчаа кон морето за да се спасат и да ја измијат пепелта од нивните тела, соблекувајќи ја облеката зафатена од огнот, по големата вулканска ерупција на Белиот Остров, на Нов Зеланд, велат спасувачите, присетувајќи се на несреќата, пренесува Њујорк пост“.

– Вулканот на прв поглед изгледаше прекрасно. Но, за кратко време сфативме дека ситуацијата ќе биде лоша – изјави Џеф Хопкинс, кој со неговата ќерка бил дел од турата.

Додека тој и неговата ќерка Лилијан биле на бродот, ги виделе туристите како трчаат кон морето и веднаш пристапиле со укажување прва помош и им помогнале да ги соблечат облеките со пепел и пламен.

– Тие имаа тешки изгореници насекаде по кожата. Најсреќни беа оние кои беа веднаш спасени од хеликоптерите – вели Хопкинс.

Преживеаните бараа топла облека по студот кој настапи, откако беа полевани со вода против изгорениците. Луѓето ги соблекуваа своите маици за да ги дадат на оние чија облека е изгорена, велат спасувачите од мисијата.

Друг спасувач ја споредува ерупцијата на вулканот со морбидните, страшни сцени од нуклеарната несреќа во телевизиската минисерија „Чернобил“.

– Сѐ беше покриено со пепел, сцените наликуваа на нуклеарната несреќа во серијата „Чернобил“ – вели спасувачот Расел Кларк. 

Патниците од бродот „Ројал Карибиан“ воопшто не биле предупредени за потенцијална опасност, велат туристите кои го посетија Белиот Остров.

– На памфлети имаше информации за островот, но ништо повеќе. Стоеше предупредување за луѓе со респираторни проблеми, бидејќи се бараше да носат  гас-маска, но немаше предупредување за можна ерупција на вулканот – вели Венеса Луго, која се наоѓала на островот пред ерупцијата.

„Ројал Карибиан Интернешнал“ не дадоа коментар и не се достапни за контакт откако се случи несреќата.

Белиот Остров имал повеќе ерупции во изминатите години, но досега никој не бил повреден. Претходната ерупција била во 2016 година. В.Т.