Бајден ја избра Камала Харис и го „изненади“ Трамп

98

Сенаторката од Калифорнија, Камала Харис, е номинирана од претседателскиот кандидат на Демократската партија Џо Бајден за кандидат за потпретседател на САД.

Ова е четврта жена којашто ја кандидира партијата. Претходните три загубија на изборите, две како кандидатки за потпретседател и Хилари Клинтон како ривал на Доналд Трамп. Камала Харис се кандидираше за претседателска номинација на Демократската партија пред да го поддржи Бајден.

Пред да биде избрана за сенатор во 2016 година, таа беше главен државен обвинител на Калифорнија. Харис на Твитер наведе дека и е чест што е номинирана и дека Џо Бајден може да ги обедини Американците. Таа е позната по острите прашања, особено за време на расправата за потврдата на кандидатурата на Брет Кавано за судија во Врховниот суд.

Нејзината кандидатура за потпретседател би можела да придонесе за поголем одзив на афроамериканските гласачи – кои се најлојалниот електорат на Демократската партија, пренесува „Ројтерс“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека е изненаден што неговиот противник Бајден ја одбрал Камала Харис за свој кандидат за потпретседател, бидејќи, како што вели, таа била многу лоша кон самиот Бајден за време на дебатите.

Трамп рече дека Харис била „многу, многу непријатна“ кон Бајден за време на внатрешните партиски избори на демократите, пренесува „Ројтерс“. Како што вели тој, една од причините што го изненадува е тоа што таа веројатно била непријатна и се однесувала кон Бајден со непочитување.