Барние со остри предупредувања кон Лондон за Брегзит

77

Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние, го предупреди Лондон дека во случај на Брегзит без договор, одговорноста ќе падне врз Британците.

Во говор пред европскиот економски и социјален комитет, европскиот преговарач потсети дека ЕУ ќе остане солидарна со Ирска во секое сценарио, вклучувајќи го и Брегзитот без договор.

-Во тој случај, Обединетото Кралство ќе ја има тешката одговорност да изнајде решение за прашањето на ирската граница – рече Барние.

Договорот за повлекување од ЕУ беше отфрлено од страна на британскиот парламент токму поради решението за ирската граница кое предвидува привремен заштитен механизам наречен “бекстоп“. Тврдите поддржувачи на Брегзит сметаат дека ова решение претставува де факто останува во европскиот заеднички пазар и царинска унија. ЕУ на тоа одговори дека овој механизам е неопходен додека не се испреговара идното трговското партнерство помеѓу двете страни.

Барние напомена дека ЕУ е подготвена да преговара повторно за идното партнерство меѓу Лондон и Брисел, но дека не доаѓа предвид бекстопот да биде предмет на нови преговори.

Европскиот главен преговарач истакна дека сѐ уште верува дека британската премиерка, Тереза Меј и британскиот парламент ќе успеат да постигнат договор пред 29 март, датумот кога Лондон треба да се повлече од ЕУ.