Барањето за отстранување на тибетското знаме го разоткри шпионот

121

Одборот на малата тибетска заедница во населбата Вудсајд во Њујорк се соочи со инфилтрација на кинески шпион во нивните кругови. Баимадаџи Ангуанг, локален полициски службеник со потекло од источен Тибет, ја потресе малата тибетска заедница и посеа сомнеж и обвинувања, пренесува „Гардијан“. 

Ангуанг за првпат се појавил во тибетскиот центар во 2019 година и ја понудил својата помош за заедницата. Но, набрзо неговата помош почнала да изгледа сомнително. Она што ја прелило чашата бил неговиот коментар да се отстрани тибетското знаме од пред центарот на заедницата. 

– Тој велеше дека изложеното знаме не е добро за нас, дека други, моќни луѓе и бизниси сакаат да донираат, но знамето би претставувало проблем – изјави Таши Чомфел, член на одбор во центарот.

Минатата недела, Ангуанг беше обвинет дека бил разузнавач за Кина, работејќи тајно со управувачи со седиште во кинескиот конзулат во Њујорк. Според судските документи, Ангуанг соработувал со Пекинг од 2018 година, како дел од напорите да се влијае на движењето за независност на Тибет.

Сомнителните изјави на Ангуанг започнале кога тој во 2018 година му се обратил на член од заедницата критикувајќи го неговото палто на кое бил слоганот „Ослободете го Тибет“. 

Според судските документи, Ангуанг бил во контакт со управувачите во конзулатот, вклучително и еден претставник на Обединетиот фронт, уште од 2014 година и известувал за активностите на кинеските граѓани во Њујорк и им овозможил на претставниците на Кина пристап до високи претставници на Њујорк. Сепак, Ангуанг не успеал да собере доволно информации за заедницата. Фактот дека тој бил полицаец и наредник во американската армија, сигурно била доволна причина за тој да се добие со нивната доверба.

Работите ескалирале во март, кога Ангуанг ѝ помагаше на групата да ги покани локалните полицајци и пожарникари на прославата на заедницата за време на Тибетската нова година. Сопругата и детето на Ангуанг присуствувале на настанот. Веднаш наредниот ден, тибетскиот одбор забележал фотографија од сопругата на Ангуанг, на која го носи истиот свечен фустан на настан во кинескиот конзулат. По коментарот за тибетското знаме, тогашниот претседател на центарот, Сонам Гифел, телефонски го известил Ангуанг дека е отстранет од заедницата. 

Семејството Ангуанг заедно со конгресменката Александрија Окасио-Кортез на тибетската новогодишна прослава

– Ние сме многу загрижени затоа што нашата заедница е многу мала. Луѓето почнуваат меѓусебно да се обвинуваат, да се расправаат на социјалните мрежи, само затоа што ваквата измама ја сејат луѓе како Ангуанг, кои работат за кинеската влада – изјави Чомфел. 

На Ангуанг не му е дозволена кауција, а му се заканува и затворска казна од 55 години. Кина ги опиша обвинувањата како „чиста измислица“ и клевета против кинеските конзулати и персонал во САД. 

Кампањата против Тибет се одвива и надвор од границите на Кина, преку работата на Одделот за обединет фронт на Комунистичката партија, кој се фокусира на вршење влијание во странство. Кинеските оперативци долго време се обвинувани за надгледување и заплашување на тибетската дијаспора во Шведска, Швајцарија, Индија, како и во САД, со принудување или регрутирање на Тибетанци во странство со цел да шпионираат членови на нивната заедница.

Помеѓу јуни 2018 и март 2020 година, според судските документи, Ангуанг разговарал со неговите управувачи најмалку 53 пати. Но, во во разговорите нема никакви наредби од страна на управувачите. Тие исто така ги одбиле неговите барања за добивање 10-годишна виза за Кина, што е релативно лесна работа што кинеските власти можат да ја доделат на нивен соработник.

Судските документи откриваат дека тој пристигнал во САД откако успешно побарал азил, тврдејќи дека бил измачуван од Кина затоа што е етнички Тибетанец. Неговите родители и брат, сепак, сè уште живеат во Кина. Но, можно е семејството на Ангуанг да е под притисок и тој се обидувал да им ја докаже својата вредност на своите кинески управувачи. Друга мистерија е и зошто ваквиот случај беше објавен во јавноста. 

– Мистерија е зошто американските разузнавачки агенции би откриле ваков случај и јавно го идентификувале Ангуанг како кинески соработник, односно шпион, на еден начин фалејќи им се на нивните кинески колеги и откривајќи дека ги следат разговорите меѓу конзуларните службеници и нивните контакти. Некарактеристично за ФБИ е да сака да ги открие нивните методи и информации – рече Роберт Барнет, професор и основач на модерната програма тибетски студии на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.

Случајот за Ангуанг досега обезбеди реторички материјал за антикинеската кампања водена од администрацијата на Доналд Трамп.