Барајќи натрапници меѓу американските гардисти

147

Илјадници припадници на Националната гарда и полицајци ги патролираат улиците на Вашингтон во пресрет на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, блокирајќи ги патиштата кои водат до Капитол Хил и предупредувајќи ги оние кои ќе се доближат. Бодликава жица го окружува седиштето на американската демократија за да спречи евентуална појава на насилство.

Дванаесет гардисти беа отстранети од должност за време на инаугурацијата поради закани и поврзаност со екстремистички групи. Двајца од нив упатиле закани кон законодавците, а еден изразил поддршка за Трамп, соопшти американското министерство за одбрана. Другите десетмина се тргнати поради истраги и поднесени поплаки против нив, како и поради други причини. ФБИ учествуваше во проверката на сите 25 илјади припадници на Националната гарда кои се задолжени за безбедноста за време на инаугурацијата.

Федералните и локалните власти добија уште закани за насилство од екстремно десничарски групи по упадот во Когресот во кој петмина ги загубија животите. Како одговор на упадот, надлежните служби поставија безбедносен обрач околу Капитол Хил, Белата куќа и други делови од Вашингтон. Јадрото на градот е поделено на црвени и зелени безбедносни зони, а затворени се и станиците на метрото во близина. Военото приуство на улиците се одразува врз локалните бизниси.

 – Би помислиле дека луѓето ќе дојдат да купат шампањско за инаугурацијата, но тоа не се случува – вели сопственик на локален маркет.

Американските историчари прават паралела помеѓу инаугурацијата на Бајден и онаа на Абрахам Линколн во март 1861 година, кога Линколн положил заклетва под заштитата на околу три илјади војници. Во тој период седум сојузни држави од југот веќе прогласиле сопствена нација за зачувување на ропството, а Линколн се соочувал со бројни смртни закани пред инаугурацијата.

– Слична атмосфера може да се забележи и денес, 160 години подоцна, додека Капитол Хил повторно се подготвува за можен напад врз новиот американски претседател – заклучува „Атлантик“.