Бакингемската палата ризикува да го разгори пожарот околу принцот Ендрју

425

Бакингемската палата ризикува повторно да ги разгори контроверзите околу принцот Ендрју, еден ден по неговото повлекување од јавните должности, со тоа што најави дека тој ќе ја продолжи неговата соработка со иницијативата за бизнис-менторство, пренесува „Гардијан“.

– Војводата од Јорк ќе ја продолжи својата соработка со „Питч Палас“, која одржуваше настани во Бакингемската палата и палатата Свети Џејмс. Секако, ќе има период на транзиција додека тоа се случи – стои во соопштението на Бакингемската палата.

Одлуката за задржување на врските на принцот Ендрју со иницијативата, ја „разбранува водата“ бидејќи се очекуваше негово целосно повлекување од кралските должности.

Одлуката доаѓа во време кога адвокатите кои ги претставуваат жртвите во судењето на Џефри Епстајн, кој е осуден за педофилија, информираа дека ќе достават судски налог за принцот Ендрју, за да се осигурат дека тој ќе соработува во нивните истраги.

Скандалот во кој беше вклучен Епстајн во 2011 година го чинеше Ендрју губење на неговата функција на британски специјален претставник за трговија и меѓународни бизниси. Оттогаш ги одбегнуваше прашањата за нивното пријателство.

Ендрју сметаше и дека интервјуто кое неодамна го даде за Би-би-си ќе помогне во демантирање на постојаното обвинување оти тој имал односи со малолетничка. А дополнителен мотив би можело да биде искажувањето на каење поради пријателството кое траеше и по сознанијата за карактерот на Епстајн.

Општ впечаток е дека при бранењето на сопствената невиност за време на интервјуто, принцот делуваше неубедливо и несигурно, а не успеа да искаже жалење, со одговорот дека не жали поради пријателството. Ендрју мирно одговори и дека со Епстајн не биле блиски пријатели, но и оти бил во озлогласениот приватен авион на осрамотениот милијардер, на неговиот приватен остров и во неговите домови во Палм Бич и во Њујорк.