Асад: Напад врз Сирија би го дестабилизирал регионот

549

Каков било напад врз Сирија само би донел поголема нестабилност во регионот, а е закана и за меѓународниот мир и безбедност, изјави претседателот на Сирија, Башар ал Асад.

Тој се огласи првпат откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја нападне Сирија поради наводниот хемиски напад во саботата во Дума.

– Со секоја победа на терен, се погласни се западните земји и се интензивираа акциите во обид да се смени текот на настаните. Каков било напад врз Сирија само би донел поголема нестабилност во регионот, а е закана и за меѓународниот мир и безбедност – изјави Асад за сириската државна агенција САНА.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека времето за евентуалниот воздушен напад врз Сирија досега не е прецизирано.

– Никогаш не кажав кога ќе се случи напад на Сирија. Може да се случи набрзо или не така скоро. Во секој случај, САД предводени од мојата администрација, направија огромна работа за ослободување на регионот од Исламска држава. Каде е нашето `Ти благодарам Америко`“, напиша Трамп.

Американскиот претседател вчера порача дека „убави, нови и паметни американски ракети“ ќе бидат испратени во Сирија.