Асад: Европа треба да се плаши од џихадистите со кои е во сојуз, а не од бегалците

110

Лицемерен е стравот на европските народи дека Турција ќе им испрати бегалци, изјави сирискиот претседател, Башар ал Асад, во интервју за руската телевизија „Раша тудеј“. Тој ја обвини ЕУ дека продолжува да спонзорира тероризам во Сирија.

Асад тврди дека најголема грижа на ЕУ треба да бидат „стотиците илјади џихадисти со кои е во сојуз“, а не бегалците од Сирија кои турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се заканува дека ќе ги пушти.

– Како можете да се плашите од неколку милиони луѓе, од кои повеќето се умерени и меѓу кои има малку терористи, а директно ги поддржувате десетиците, можеби и стотиците илјади терористи во Сирија и не се плашите дека тие ќе се вратат во вашите земји – прашува Асад.

Тој во интервјуто наведува дека меѓу оние кои побегнале од Сирија би можело да има екстремисти, но повеќето бегалци не претставуваат закана за разлика од очајните џихадисти кои би можеле да се свртат против своите покровители.

Односот меѓу ЕУ и Турција, тој го оценува како однос „љубов и омраза“. Асад нагласи дека иако ЕУ „го мрази“ турскиот лидер, сепак европските лидери не можат ништо освен да го послушаат што има да каже.