Арапскиот свет ги бојкотира француските производи

144

Односите меѓу Франција и муслиманските земји се заострени во последните денови и ескалираа по изјавите на претседателите на Франција и на Турција, Емануел Макрон и Реџеп Таип Ердоган. Многу земји со претежно муслиманско население од Блискиот Исток повикуваат на бојкот на француските производи, а истата порака може да се најде на социјалните мрежи

Реакции на изјавата на Макрон со која тој го опишува исламот како „религија во криза“

Неколку арапски трговски корпорации, главно од Блискиот Исток, најавија бојкот на француските производи како одговор на заострените односи со Франција во последните денови, кои ескалираа по искажаните ставови на францускиот претседател Емануел Макрон за француските медиуми, во кои тој го опиша исламот како „религија во криза низ целиот свет“. На ваквиот чекор, кој веднаш предизвика тензии на Блискиот Исток, но и најави за економски санкции на овие земји врз официјален Париз, првенствено остро реагираше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој дури во своја изјава го доведе во прашање менталното здравје на својот француски колега по изјавите за карикатурите на Мухамед и исламот. Турскиот лидер исто така го обвини Макрон дека е „опседнат со Ердоган дење и ноќе“, во телевизиски говор во источниот анадолски град Малатија.
– Макрон е случај и затоа тој навистина треба да направи проверка на менталното здравје – рече тој.
Официјален Париз експресно ја осуди изјавата на турскиот претседател Ердоган, а на консултации во Франција беше повикан францускиот амбасадор од Анкара.
– Зборовите на претседателот Ердоган се неприфатливи. Навредувањето и грубоста не се начин. Бараме Ердоган да ја смени политичката насока, бидејќи неговата политика е опасна во секоја смисла. Не влегуваме во непотребни полемики и не прифаќаме навреди – коментираше завчера Елисејската палата. Дебатата за политиката на Франција кон муслиманите доби нов поттик со убиството овој месец во Франција на учител што на својот клас му покажа карикатура со пророкот Мухамед.

Во меѓувреме, покрај Турција, Иран, Јордан и Кувајт го осудија објавувањето на карикатурите, но и изјавите на Макрон. Организацијата за исламска соработка, која ги обединува муслиманските земји, изрази жалење поради „изјавите на францускиот претседател што можат да им наштетат на француско-муслиманските односи“. На социјалните мрежи повиците на бојкот на француските производи се редат од понеделникот со хаштаг (скратеници) на арапски. Во Кувајт, „Арнаим“, големиот синџир супермаркети во државите од Персискиот Залив, соопшти дека ќе ги отстрани сите француски производи од полиците во знак на протест поради француските навредливи изјави против исламот и Мухамед.
Сличен потег презедоа и неколку трговски групи, како кооперативните друштва „Сабурб афтернун“, „Екаила“ и „Саад ал Абдулах сити“. Трите групи објавија фотографии на кои се гледа како француските производи се отстрануваат од нивните полици.
Во Катар, млекарницата „Алваџба“ и компанијата за производи за широка потрошувачка „Алмеера“ соопштија дека ќе ги бојкотираат француските производи и дека ќе обезбедат друга замена за нив. Катарскиот универзитет, исто така, се вклучи во кампањата за бојкот, соопштувајќи дека донел одлука за одложување на Француската недела на културата во знак на протест поради антиисламската реторика.
Секое понижување или сквернавење на исламското верување, светии и симболи апсолутно се одбива, се вели во соопштението на универзитетот.
– Овие навреди им штетат на универзалните човечки вредности и на високите етички принципи на сите општества – се додава на Твитер.

Инаку, изјавата на Макрон што го разбранува муслиманскиот свет следуваше по ветувањето на францускиот претседател дека неговата влада „ќе ја засили борбата против радикалниот исламизам“. Франција ја потресе убиството на професорот по историја Самуел Пати, кој користел контроверзни карикатури на пророкот Мухамед од сатиричниот весник „Шарли ебдо“ кога држел предавања за слободата на изразување.