Ангела Меркел ги поддржа протестите против глобалното затоплување

113

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ги пофали учениците и студентите кои протестираат против климатските промени.

– Силно ги поддржувам учениците кои излегуваат на улица за заштита на климата и се борат за тоа што го сметаат за исправно. Мислам дека тоа е една добра иницијатива – наведе Меркел во редовната неделна видео-порака.

Таа во исто време го бранеше фактот што некои процеси во корист на заштита на климата се одбиваат бавно.

– Знам дека учениците сакаат некои работи побрзо да се случуваат, како откажувањето од јагленот како извор на енергија. Но, ние мораме некако да ги помириме зачувувањето на работни места и економската исплатливост од една и заштитата на климата од друга страна – посочи Меркел.

Во Хамбург вчера средношколци и студенти протестираа против глобалното затоплување.

Митингтот го предводеше шведската тинејџерка Грета Тунберг, која е истакнат борец против климатските промени. „Одете сега или пливајте подоцна“ беше еден од транспарентите на протестите во Хамбург, кој треба да потсети на глобалниот пораст на нивото на морињата и топењето на глечерите.

Шеснаесетгодишната Грета во јануари годинава, на Светскиот економски форум во Давос порача: „Сакам да паничите. Сакам да го чувствувате стравот, кој јас го чувствувам секој ден“.

Грета тогаш зборуваше дека ЕУ треба двојно да ги зголеми целите за намалување на емисиите на штетните гасови, за да се спречи глобалното затоплување, а моменталните зацртани цели на ЕУ се до 2030 година емисиите да се намалат за 34 отсто во однос на нивото во 1990 година.