Америка – случајна суперсила

302

,,Случајна суперсила” на Питер Зејхан започнува со географијата, посочувајќи дека САД се најголемиот светски потрошувачки пазар, со причина: нејзините реки. Превозот на стоките по вода е 12 пати поевтин од копното (затоа цивилизациите секогаш цветале околу реките). САД имаат повеќе пловни патишта – 28.300 километри од останатиот свет. За споредба, тој забележува дека Кина и Германија имаат околу 3.200 километри. Целиот арапски свет има вкупно 190 километри 

Питер Зејхан е геополитички експерт, неговите истражувања се насочени кон географијата и како таа влијае врз финансиските, економските, културните, политичките и воените случувања во светот. Во текот на својата кариера работеше во американскиот Стејт Департмент во Австралија, тинк-тенк заедницата во Вашингтон и во Стратфор – најголемата светска приватна разузнавачка компанија. Во 2012 година ја основа сопствена компанија „Зејхан он џиополитикс“, која обезбедува професионални и стручни совети на клиенти од енергетскиот сектор, финансиски институции, бизнис здруженија, универзитети, американската армија и слично

Зејхан својата слава ја стекна во 2014 година кога ја објави својата прва книга- „Случајна суперсила: Следната генерација на американската превласт и пристигнувањето на глобалното нарушување”. Во првиот дел од своето дело, Зејхан е насочен кон истражувањето на минатото и појавата на САД како глобална сила, а во вториот дел се обидува да ја замисли иднината кон која ќе се движат САД и светот. Авторот предвидува создавање на шведско-полски сојуз, одвојување на Квебек од Канада, а најголемата опасност за безбедноста на САД доаѓа од прелевањето на мексиканската војна против дрогата. Авторот предвидува дека некои држави како Грција, Либија и Јемен ќе се распаднат, а други како Русија, Јапонија и Турција ќе станат агресивни.

Главните предвидувања на Зејхан се распаѓањето на Европската Унија поради нееднаквостите помеѓу северните и јужните држави. Европа, Кина и Русија ќе се соочат со демографско самоуништување поради ниските стапки на наталитет. Според авторот, Русија е нестабилна сила која ќе води надворешна агресивна политика и ќе се соочи со внатрешни национални и етнички опасности.

Питер Зејхан

Главната теза на Зејхан е дека географијата ја обликува моќта на државата, го олеснува или го спречува нивниот економски раст. Успехот или неуспехот на нациите не зависи од харизматичните лидери или идеологијата, а светските настани се обликуваат од топографијата, квалитетот на почвата и пристапноста до водната површина. Водната маса има исклучителна важност и ги одредува победниците на глобалната сцена. Зејхан забележува дека големи сили во минатото, уживале една или две географски предности, како Египет и реката Нил, и Британија како островска нација, од каде што доаѓала нејзината поморска традиција. Во споредба со нив, САД имаат 12 големи реки, вклучувајќи ја и Мисисипи, изобилство на земја и два океани. Оваа географска положба им овозможија на САД да станат светска сила и да доминираат во меѓународните односи. Според авторот, оваа географска место положба ќе им овозможи доминација на Соединетите држави и во следните децении. Од друга страна, Кина има мала водна површина, ограничено земјоделско земјиште и несигурни граници, а овие географски карактеристики ја прават кинеската држава подложна на политичка фрагментација и премногу зависна од силна централна власт. Новата нафтена технологија, поволниот демографски тренд и географијата ќе продолжат да и дават предност на САД во иднина. Питер Зејхан ги отфрла тврдењата дека американската моќ е во опаѓање, во 1945 година Соединетите држави произведувале четвртина од светскиот БДП и трошеле за армијата и морнарицата како остатокот од светот заедно. Во 2014 година нема промена, меѓутоа некои работи се менуваат.

Според авторот, денешниот светски поредок е основан врз Бретонвудскиот систем воспоставен во јули 1944 годин, од страна на претставниците на 44 држави кои го потпишаа договорот за Меѓународниот монетарен фонд. Воспоставувањето на монетарниот и трговскиот систем поткрепен со американската воена и економска моќ и гаранција за заштита од Советскиот Сојуз, овозможи придобивање на западноевропските држави. За возврат, сојузниците добија пристап до американскиот пазар-единствениот кој функционираше по Втората светска војна и пристап до најголемата светска морнарица. Зејхан забележува дека Бретонвудскиот систем постепено започнува да се распаѓа, затоа што повеќе нема суштинско значење за Соединетите држави. Заштитата на трговијата со помош на морнарицата на САД имаше смисла кога постоеше опасност од СССР и беше потребна безбедност за нафтените танкери кои го хранеа растечкиот апетит на Америка за странска нафта. Меѓутоа, денешницата е поинаква, Советскиот Сојуз се распадна, а потребата за нафта се задоволува од домашните извори и новата технологија. Благодарение на новата технологија, домашното производство на нафта и гас се зголемуваат и САД за пет години може да станат независни. Американската држава не се соочува со пад на наталитетот благодарение на имиграцијата и Американците остануваат помлади речиси од секоја друга голема култура. Самодоволноста во храна и енергија ќе ги поттикнат САД кон внатрешна насоченост, враќајќи се на улогата пред Втората светска војна – глобална сила без глобални интереси.

Според Зејхан, новата состојба ќе доведе до промена на надворешната политика на САД, Америка нема да се изолира, меѓутоа постепено ќе се повлекува од глобалната сцена, со што ќе дојде до политичко дестабилизирање на светот кој е изграден врз обврските на Соединетите држави. Вакуумот ќе доведе до хаос и ривалство помеѓу државите за ресурсите, а стареењето на населението и економските притисоци ќе се интензивираат во многу региони.